1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова обвивка врз нуклеарката во Чернобил

Александер Савитски / Александар Методијев26 април 2012

Се’ уште постои опасност бетонскиот саркофаг врз уништениот реактор на нуклеарната централа Чернобил да се урне. Сега нова заштитна обвивка треба да обезбеди едновековна безбедност од радијација.

https://p.dw.com/p/14l7O
Фотографија: picture-alliance/dpa

Денеска е 26-тата годишнина од нуклеарната катастрофа во Чернобил. По тој повод започнува изградбата на нова заштитна обвивка врз уништениот реактор на северот од Украина.

Во катастрофата пред 26 години беа ослободени повеќе тони радиоактивен материјал, а причината што ја предизвика е погрешно спроведениот експеримент и градежните дефекти при изградбата. Бројот на починати, како резултат на катастрофата во Чернобил, се’ уште е предмет на дебати. Меѓународната агенција за атомска енергија и Светската здравствена организација излегуваат со бројка на 4.000 смртни случаи поради рак меѓу работниците, како резултат на изложеноста на радијација. Организациите за заштита на животната средина, како Гринпис, сметаат дека бројките се минимизирани и оти реалните се десетпати поголеми.

Folgen von Tschernobyl Leukämie
Здравствените проблеми на граѓаните остануваат и 26 години по несреќатаФотографија: picture alliance/dpa/dpaweb

Заштитната обвивка треба да се одржи 100 години

Постојниот саркофаг од 90-тите години се смета за небезбеден. За изградбата е формиран конзорциумот „Новарка“, во кој има француски, германски и украински компании. Трошоците за изградба се околу една милијарда евра. ЕУ, САД, Канада, Јапонија, Украина и други држави учествуваат во покривањето на трошоците.

Новата заштитна обвивка ќе има распон од 257 метри и висина од 109 метри. Тежината ќе и’ изнесува 29.000 тони. Поради високата изложеност на радијација не е можно директно градење врз постоечкиот саркофаг. Затоа, заштитната обвивка ќе се направи на друго место и потоа ќе се постави врз постоечкиот саркофаг. Градежните работи треба да завршат во летото 2015-та година. Украинскиот премиер Микола Асаров се надева дека тоа може да биде завршено и порано. „Сакаме проблемот да го решиме за една и пол година“, изјави Асаров.

Неизвесност за отстранувањето

Планот е пред градбата најпрво да се стабилизира бетонскиот саркофаг, а откако ќе заврши изградбата радиоактивниот материјал да се обезбеди и отстрани. Сепак, украинскиот нуклеарен експерт Володимир Усатенко ова го става под знак прашалник, укажувајќи дека никој нема претстава за опасностите од уништената нуклеарна централа.

Ukraine Kiew Atomkraft Atom Tschernobyl Protest Demonstration
Протести против Чернобил во КиевФотографија: picture-alliance/dpa

„Податоците за останатото нуклеарно гориво во четвртиот реактор беа фалсификувани по несреќата, како и сите податоци за состојбата во нуклеарната централа“, изјави Усатенко за Дојче веле, додавајќи дека сите понатамошни планови за заштита на нуклеарната централа ќе бидат засновани на нејасни податоци.