1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Новата нормалност во Германија

Шарлоте Потс
22 декември 2016

Длабок јаз ја дели Германија по нападот врз божиќниот панаѓур во Берлин. Додека приврзениците на популистичките движења вината ѝ ја припишуваат лично на канцеларката Ангела Меркел, мнозинството е присебно.

https://p.dw.com/p/2UhoY
Deutschland Weihnachtsmarkt auf dem Gendarmenmarkt in Berlin
Фотографија: DW/E. Yorck Von Wartenburg

Десничарските популисти од Алтернатива за Германија (АфД) повикаа на протестно бдеење пред канцеларијата на Ангела Меркел. На големиот студ брзо беа напишани последните плакати. „Меркел мора да си оди“, стоеше напишано со фломастер. „Брани го Берлин“ Од што точно Берлин сега треба да биде одбранет? „Знаете веќе од што“, вели еден приврзеник на АфД.

За приврзениците на АфД, Меркел е лично одговорна

Иако сѐ уште не е официјално докажано кој стои зад нападот врз берлинскиот божиќен панаѓур, сепак за многумина кои вчеравечер се собраа пред канцеларијата на Меркел изгледа дека тоа е одамна јасно: тоа е бегалец. И токму поради тоа тие одговорноста не ѝ ја припишуваат само на бегалската политика на канцеларката, туку и на Ангела Меркел лично. „На нејзините раце има крв на жртвите“, постојано можеше да се слушне во толпата и да се видат прсти кои покажуваат кон канцеларијата на Меркел.

Манфред Бец на протестот дојде специјално од покраината Тирингија. Со себе тој носи знаме на отпорот од Втората светска војна, но истовремено се служи со нацистичка реторика. Тој, вели, дошол за да протестира против дегерманизирањето на Германија и смета дека сите странци мора веднаш да бидат протерани од земјата и границите да бидат затворени: „Госпоѓа Меркел сака да ја уништи Германија“.

Deutschland Berlin Mahnwache rechter Gruppen vor dem Bundeskanzleramt
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Сенки врз изборната 2017 година 

Омразата кон канцеларката деновиве не беснее само на интернет, туку и пред нејзината канцеларија во Берлин. За приврзениците на АфД Ангела Меркел никогаш не била без алтернатива. Таа за нив стана симбол за сето она што во моментов во Германија се одвива погрешно.

Протестното бдеење пред канцелариката на Меркел ја покажува политичката динамика на нападот од понеделникот. Берлин се надоврзува на серијата напади ширум светот: Париз, Брисел, Истанбул, Анкара, Ница, Орландо. Уште еден потресувачки настан на крајот на мрачната година, која ќе фрли сенка и врз изборната 2017 година во Германија.

Длабок јаз ја дели Германија

Тоа вчеравечер јасно се потврди и пред канцеларијата на Меркел. Додека владејачките партии еден ден по нападот уште се обидуваа да демонстрираат единство, собирот на АфД потсети, дека на некои места Германија ја делат длабоки идеолошки јазови. 

Со знамето на отпорот, демонстрантите сакаа да упатат јасен сигнал против владата, „против естаблишментот“: „Донесени се погрешни политички одлуки. Тие мора да бидат преиначени“, порача единствениот говорник вечерта, евангелистички свештеник, кој од протест против бегалската политика на Меркел, истапил од црквата. Тој доби голем аплауз.

На други места берлинците присебни

На вториот ден по атентатот со камион, божиќните панаѓури во главниот град на Германија повторно ги отворија портите.Божиќниот пазар на Жандарменмаркт се наполни со луѓе, иако не беше толку добро посетен како вообичаено. „Наутро во 11 часот кога отвораме, вообичаено луѓе веќе чекаат во редици. Денеска не беше така“, раскажува Штефи, која продава виенска штрудла на панаѓурот. „Чудно е чувството сега повторно да се стои овде, но барем полицијата е тука“, вели таа.

Deutschland Weihnachtsmarkt auf dem Gendarmenmarkt in Berlin
Божикниот панаѓур на Жандарменмаркт во БерлинФотографија: DW/E. Yorck Von Wartenburg

Неколку метри понатаму стојат четворица вооружени полицајци. Еден од нив држи автоматско оружје, останатите пиштоли. Вкупно десет полицајци се ангажирани на божиќниот пазар на Жандарменмаркт, и задолжени се за надзор на излезите и влезовите и за патролирање покрај штандовите. „Тоа треба да го зголеми чувството на сигурност кај населението“, вели еден од нив.

На многу посетители меѓутоа зголемената безбедност им е сомнителна. „Тоа остава непријатно чувство“, вели Марија Хофман. Како и многу други посетители на божиќниот панаѓур и таа сметала на напад во германската престолнина: „Беше само прашање на време“.

По нападот - нова нормалност

Теророт изгледа стана нова нормалност. Што ќе се случи ако во погрешно време се биде на погрешен божиќен панаѓур? Тоа прашање им е познато на посетителите на пазарчето на Жандарменмаркт, но никој не сака предолго да се занимава со ваквите мисли. Конечно, тука се дојдени да пијат варено вино, да изедат колбас и уште еднаш да уживаат во предбожиќната атмосфера - за политика тука никој не сака да зборува.