Нови американски царини против Кина
24 септември 2018Американските царини се надоврзуваат на веќе воведените давачки на кинески производи во вредност од 50 милијарди долари. Вкупно, сега се засегнати речиси поливината од увезуваните стоки од Кина. Новововедените царини во прво време ќе изнесуваат десет проценти, но од почетокот на 2019. година треба да достигнат 25 проценти. Одделни производни групи, меѓу кои Смарт воч од Епл, Блутут производи, како и автоседишта за деца се изземени од овој царински режим, што коментаторите го толкуваат како успех на лобистите на Епл и Амазон.
Кинеската влада, како реакција на чекорот на Американците, веднаш најави реципрочни мерки - засегнати се производи од САД во вредност од 60 милијарди долари. Во основа, можностите на Кина да одговори со контрацарини на американските, се ограничени, зашто таа увезува стоки од САД само во вредност од 130 милијарди долари.
Повеќе:
Трамп победува во трговската војна со Кина
Борба на титаните- нова епизода
Без оглед што Кина е најголемиот доверител на задолжените САД, располага со преку еден билион долари вредносни хартии, не се очекува Пекинг одеднаш да ги понуди на пазарот, зашто тоа би предизвикало притисок врз курсевите на обврзниците, што крајно би водело кон пад на вредноста на преостанатите американски обврзници во кинески раце, што би значело работа на сопствена штета.
Набљудувачите укажуваат на други можности кои стојат на располагање на кинеската влада за ставање на Вашингтон под притисок, на пример отежнување на работата на американски фирми кои со години енормно профитираат од потрошувачкото расположение на милионското население. Трамп веќе се закани, во случај на кинеска „одмазда“, да започне трета фаза од специјалните царински давачки за кинески производи во волумен од 267 милијарди долари, што практично би значело под специјален царински режим да се најде целокупниот увоз од Кина.
По активирањето на најновите царински мерки од САД, Кина ги стави на мраз натамошните разговори со владата во Вашингтон, а за неделава планираната посета на кинеска владина делегација во САД е откажана. Средбата требаше да води кон наоѓање патишта за деескалација на трговскиот конфликт меѓу двете земји, кој се заканува со последици и во глобални рамки.