Европската унија не го заборава Западен Балкан
10 март 2017„Пораката до земјите од регионот е јасна: ЕУ останува верна на ветувањата дадени во Солун и целосно е посветена на стабилноста и просперитетот на регионот“, порача синоќа претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск. Тој на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, на премиерите или претседатели на земјите- членки на Унијата им пренесе дека ситуацијата на Западен Балкан „е излезена од контрола“ и неопходно е ЕУ да го задржи својот ангажман во регионот и да ги исполнува своите обврски.
„Не отстапуваме, туку стапуваме на Западен Балкан“, гласи пораката од претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Тоа воедно е и одговор на прашањето дали ЕУ го има напуштено Западен Балкан. Пред две години, Јункер најави дека ниту една нова земја нема да и се приклучи на ЕУ до крајот на неговиот мандат во 2019 година.
Британската премиерка Тереза Меј веќе најави дека следниот самит ЕУ-Западен Балкан во 2018 година ќе го организира нејзината земја. Таа остро ја критикуваше Русија поради обидите да го зголеми своето влијание во регионот и да ги дестабилизира земјите. Таа ја повика ЕУ да стори повеќе против „руската кампања на дезинформации и да ја зголеми видливоста на западниот ангажман во регионот“.
Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск говореше за „тензии и поделби“ во регионот кои „преку нездраво надворешно влијание можат да излезат од контрола“. Повеќе земји се „дестабилизирани“ на тој начин. Важноста на регионот ја потенцирала и германската канцеларка Ангела Меркел.
Потребни се јасни акции
Ни во Брисел, ниту во земјите од регионот не е тајна дека ЕУ е преокупрана со речиси непрекинати промени и кризи, како на глобален, така и на внатрешен план. Таа го испушти Западен Балкан од својот фокус, иако, како што потсетуваат во Брисел, е единствен со перспективи за идно членство во ЕУ. Зголемените тензии, како меѓу самите држави во регионот, така и инсистирањето на земјите-членки на ЕУ на највисоко можно ниво да се рагледа ситуацијата на Западен Балкан, сепак овој регион го ставаат повторно во фокусот на европската политика. Барем во овој момент.
Иако се сложува со пораките од своите колеги од Советот на ЕУ за неопходно држење „отворени врати за Западен Балкан“, словенечкиот премиер Миро Церар ја изнесува можеби суштината на проблемот: „Словенија се залага за јасно изразување на европската перспектива на регионот, но таа мора да биде проследена со јасни идеи и акции“.
Конкретно и опипливо
По вчерашната расправа во Советот на ЕУ, заклучоците за Западен Балкан се сведоа на неколку реченици - на веќе познатите фрази околу проширувањето и евроинтеграциите. Советот на ЕУ едногласно ја поддржа европската перспектива на Западен Балкан и го потврди своето ангажирање на сите нивоа со цел да се поддржи стабилноста на регионот и продлабочувањето на економските и политичките врски. Истовремено, нагласена е и важноста на реформскиот пат, добрососедските односи, сѐопфатната соработка во рамките на регионалните иницијативи. И додека во дипломатски кругови во Брисел ја нагласуваат важноста од „политичкиот сигнал од највиско европско рамниште“, европски аналитичари сметаат дека е тоа само „уште една мртва буква на хартија“ и без оглед што доаѓа од највисока позиција, не значи многу без конкретна акција.
„Самата порака според која ЕУ е посветена на натамошно проширување, не е доволна. ЕУ мора да ја 'оживи' таа приврзеност, да ја направи конкретна и опиплива“, оценува за Дојче веле Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилност. „За такво нешто не се секогаш потребни само материјални средства. Тоа може да биде и во форма на политичка поддршка преку зголемен број посети од лидерите на ЕУ на регионот, но и преку повици кон лидерите на Западен Балкан да ги посетат европските престолнини. Лидерите на ЕУ исто така, кога им се обраќаат на граѓаните во сопствените земји, треба да ја објаснат важноста на проширувањето и добробитот кој тоа го носи за ЕУ. Јавноста во Унијата не се залага премногу за проширување, а последниот Евробарометар покажува дека повеќе од половината граѓани во 13 земји-членки се против натамошно проширување“, објаснува Штиглмајер.
Во Европската иницијатива за стабилност наведуваат дека постои цела низа конкретни акции кои ЕУ, но и земјите-членки на Унијата би можеле да ги направат за да ја конкретизираат својата новонагласена посветеност коневроинтеграциите на Западен Балкан.Меѓу другото, се споменува промоција на поефикасна флуктуација на работа сила, подобро информирање на земјите од Западен Балкан кои профили работници се бараат во земјите од ЕУ, како и пристап на државите од Западен Балкан кон механизмите на Унијата за регулирање на финансиската стабилност.
Партнерството на испит
И додека во јавноста веќе се разгледуваат начините како ЕУ побрзо да ги реализира своите ветувања дадени синоќа на Западен Балкан, европски дипломати потсетуваат на фактот дека евроинтергациите се процес кој бара ангажман на двете страни.
„Би требало да престанеме да се правиме дека нудиме европска перспектива, а државите од регионот треба да престанат да се прават дека сериозно се ангажираат во реформите. Мораме да станеме сериозни едни кон други“, порача неодамна и словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак.
Дел од синоќешните заклучоци се однесуваат токму на реформите, добрососедските односи и регионалната соработка, на обврските кои ЕУ очекува земјите од Западен Балкан да ги исполнат за да помогнат во заедничката цел: еднаш засекогаш загарантиран мир, во заокружената ЕУ, на европскиот континент. Во прашање е задача на целиот регион, но и поединечните држави од Западен Балкан.
Во фокусот Македонија и БиХ
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека синоќа најмногу се разговарало за настаните во Македонија и во БиХ. „Фокусот е на економските и општествените реформи во БиХ, на политичката стабилност, односите меѓу конститутивните народи, изборите кои ќе се одржат во 2018. година“, истакна Пленковиќ.
Од друга страна, дипломатски извори велат дека се јасни очекувањата кои ЕУ ги има од Македонија како земја-кандидат за членство во Унијата. Ако сака и натаму да напредува на европскиот пат, Македонија мора преку институциите на системот и на демократски начин да ја реши моментната блокада во формирањето влада. Во спротивно, велат во Брисел, ќе следат последици. Во очекувањата на ЕУ се вбројува и продолжување на нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово, демаркацијата на границата меѓу Косово и Црна Гора и продолжувањето на реформите во целиот регион.
„ЕУ нема волшебно стапче со кое ќе ги реши сите проблеми на Западен Балкан“, констатираше вчера неименуван функционер на Унијата. Она што им е заедничко на ЕУ и на Западен Балкан, е уште една надеж дека новиот импулс од Брисел ќе вроди со плод и ќе добие адекватно продолжение во вид на европски акции, но и реакции од регионот.