Нови пет заболени од коронавирус, соопшти Филипче
17 март 2020Четири медицински лица од Дебар и сопружник на претходно заболено лице од Скопје, се новите случаи на коронавирус во земјата. Двајцата доктори и двете медицински сестри од Дебар веројатно се заразиле од некој од пациентите кои ги лекувале. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека од утре во болницата до Дебар ќе заминат и двајца доктори од Клиниката за пулмологија во Скопје.
Филипче уште еднаш порача дека мора да се води грижа за здравствените работници и оцени дека нивната работа е „непроценлива“.
Претходно денеска, Филипче предупреди дека бројот на заболени ќе расте и процени дека пикот на кризата ќе пристигне некаде за еден месец. Попладнето беа евидентирани уште три случаи, со што вкупниот број на заболени се искачи на 31 лице.
Вечерва на скопскиот аеродром се очекува да пристигне авион од Брисел за кој постојат информации дека превезува патници заболени од коронавирус. Филипче рече дека сомнителните патници ќе бидат веднаш однесени на тестирање на Инфективната клиника, додека сите останати ќе мора да останат на аеродромот во Скопје додека не бидат познати резултатите.
Попладнево беше соопштено дека околу 200 македонски државјани кои беа заглавени на унгарско-српската граница, а кои воглавно доаѓаат од земји со висок ризик како Италија и Австрија, веднаш по пристигнувањето во земјата ќе бидат префрлени во карантин во касарната во Криволак. Таму им се обезбедени услови, снабдување со храна, медицинска поддршка за проверка, прегледи, како и соодветно обезбедување, вели министерот.