1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финска и Шведска се поблиску до членство во НАТО

Пријанка Шанкар
13 мај 2022

Финска ја објави својата одлука да влезе во НАТО што е можно поскоро, а се очекува и Шведска да го следи тој пример. Што значи тоа за западната воена алијанса, а што за односите со Русија?

https://p.dw.com/p/4BGr9
Schweden | NATO Übung Northern Wind
Фотографија: Naina Helen Jama/TT News Agency/AFP/Getty Images

Копнената граница на НАТО со Русија ќе биде двојно поголема, откако Финска и Шведска ќе ги поднесат апликациите за членство во најмоќниот одбранбен сојуз во светот. Членките на НАТО во моментов делат копнена граница од 1.215 километри, а кога ќе се приклучи Финска, таа ќе се зголеми на 2.600 километри. 

Во заедничката изјава во четвртокот, финскиот претседател Саули Нинисто и премиерката Сана Марин рекоа дека членството на нивната земја ќе го зајакне целиот одбранбен сојуз. „Финска мора да поднесе барање за членство без одлагање. Се надеваме дека националните чекори кои се уште се потребни за да се донесе таа одлука ќе бидат брзо преземени во следните неколку дена“. Во меѓувреме, се очекува дека и Шведска, која традиционално повеќе се двоумеше да се приклучи на Алијансата, да го објави тоа овој викенд. 

Finnland | PK Sanna Marin und Sauli Niinistö
Финската премиерка Сана Марин и претседателот Саули НинистоФотографија: Markku Ulander/Lehtikuva/dpa/picture alliance

Што значи ова за НАТО? 

Роберт Далсјо, висок аналитичар на НАТО во Шведската агенција за одбранбени истражувања, вели дека членството на Шведска и Финска би значело дека нема да има повеќе неизвесност за НАТО за тоа како Шведска и Финска ќе постапат во кризата. 

„НАТО со сигурност ќе знае каде се Шведска и Финска, а тоа ќе ја зголеми безбедноста и моќта да се возврати во регионот на Балтичкото Море. Исто така, ќе и олесни на Алијансата да ги брани балтичките земји, бидејќи, на пример, повеќе нема да има прашања дали шведскиот воздушен простор може да се користи за испраќање војници или залихи во балтичките земји. И политички, тоа исто така, ќе биде вистински трофеј“, додаде Далсјо. 

Хари Неделку, експерт за НАТО и политички директор во меѓународната консултантска куќа „Расмусен Глобал“, дели сличен став. „Првата порака од влезот на тие земји во НАТО е политичка и е насочена кон Русија. Второ, за НАТО овде станува збор и за реалните воени капацитети кои Финска и Шведска ги ставија на маса. Додека сите останати во Европа на некој начин ги намалија своите воени капацитети по Студената војна, Финска и Шведска ги изградија своите воени капацитети, што може да биде голема придобивка за Алијансата“, изјави Неделку за ДВ. 

Амбасадорот на Финска во НАТО, Клаус Корхонен, вели дека Русија се уште е важен сосед на Финска, но политичката доверба во тој однос е нарушена. „Русија на некој начин ја промени играта во Европа во однос на иднината, така што мислам дека тоа сигурно ќе биде една од задачите на надворешната политика на Финска во иднина и да гради односи со Русија, кои функционираат добро, врз основа на заеднички интереси. Но како тоа ќе се случи останува да видиме“. 

Symbolfoto NATO-Erweiterung
Членството на Шведска и Финска би ги зајакнало одбранбените способности на НАТО Фотографија: Dwi Anoraganingrum/Geisler-Fotopress/picture alliance

Што доведе до промена на ставот? 

По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, и Финска и Шведска станаа поблиски до Европската Унија и станаа членки во 1995 година. Сепак, двете земји останаа воено неутрални. Шведска не е дел од ниту еден воен сојуз повеќе од 200 години, а ја одржуваше неутралноста дури и за време на Втората светска војна. Од друга страна, Финска се префрли на неутралност по поразот на Советскиот Сојуз во Втората светска војна. Сепак, руската инвазија на Украина ги потресе двете земји и поттикна нови дискусии за идната безбедносна политика. 

„За Финците надворешната политика отсекогаш значела свест дека имаме долга граница со Русија. Тоа е комбинација на реализам и идеализам, свесност дека можете да ја туркате историјата“, изјави за ДВ поранешниот фински премиер Александар Стуб. 

Тој, исто така, посочи дека војната резултирала со уште посилно национално будење во земјата: „Неколку недели пред почетокот на војната, 50 отсто од Финците беа против членството во НАТО, а 20 отсто за него. Тоа преку ноќ се смени на 50 отсто за членство и 20 против. „Сега кога Финска ја официјализираше својата желба, Стуб смета дека поддршката ќе се зголеми на 80 отсто. 

Финска и Шведска во НАТО уште ова лето?

За Шведска, приклучувањето кон западната воена алијанса би било уште поголема промена на парадигмата. „НАТО никогаш не видел помалку ентузијастичен кандидат од Шведска, која моментално е под власта на социјалдемократите. Тие знаеја дека доколку Финска побара членство, Шведска ќе мора, бидејќи во спротивно ќе биде целосно надвор од НАТО, па ќе мора да троши многу повеќе за одбрана“, вели Елизабет Брав, постојан соработник на Институтот Американ Ентерпрајз. 

Поранешниот премиер Стуб додава дека и Финска и Шведска се способни да донесуваат брзи одлуки кога ќе се промени реалноста на теренот. „Финска тоа го правеше низ својата историја, а Шведска немаше потреба да го прави тоа. Но, сега, кога се соочуваат со агресивна ревизионистичка, империјалистичка, тоталитарна и авторитарна Русија, доаѓаат до заклучок дека членството во НАТО е вистинскиот пат“, рече Александар Стуб. 

 Finlandia, Helsinki: Alexander Stubb
Александар СтубФотографија: Markku Ulander/Lehtikuva//dpa/picture alliance

Нови предизвици за НАТО? 

Членките на НАТО јасно ставија до знаење дека Финска и Шведска ќе бидат „пречекани со раширени раце“, а генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг додаде дека процесот на нивното пристапување „ќе оди брзо“. 

Истовремено, Далсјо од Шведската агенција за одбранбени истражувања смета дека голем предизвик за НАТО нема да биде само приемот на Шведска и Финска, туку и како да се справи со последиците од војната во Украина. „НАТО остана на идејата дека човештвото надмина некои работи и дека Русија е стратешки партнер. Од таа причина, Алијансата не изгради силни позиции на војници на исток. Тоа ќе мора да се промени“. 

Неделку од  „Расмусен глобал“ вели дека ова нордиско проширување ќе го зајакне присуството на НАТО во балтичкиот регион. „Финска и Шведска се веќе меѓу најсилните и најинтегрираните партнери на НАТО, а приклучувањето кон Алијансата ќе резултира со посилно поморско присуство на НАТО во Балтичкото Море“, рече тој. 

Закани од Русија? 

Москва во меѓувреме предупреди на последиците. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласи дека проширувањето на НАТО на исток нема да донесе стабилност во Европа. Минатиот месец поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев предупреди дека доколку Финска и Шведска влезат во НАТО, Москва ќе го зголеми своето присуство во балтичкиот регион. 

Infografik Karte Skandinavien Russland DE

Сепак, Елизабет Брајв смета дека е малку веројатна руска инвазија на Финска или Шведска: „Никој не може сериозно да тврди дека Русија веројатно ќе ги нападне Шведска или Финска доколку аплицираат за членство во НАТО, бидејќи Москва очигледно нема ресурси за тоа. Во моментов не само што е врзана за Украина, туку таму остава многу лош впечаток. Значи, сега нема да биде време Русија воено да возврати на Шведска или Финска“, изјави соработничката на Американскиот институт за претприемништво. 

 „Она што Русија во моментов го прави е сајбер-напади врз Финска и водење на глупава пропагандна кампања против Шведска, во која се наведува дека разни познати Швеѓани биле нацисти. Ако тоа е најдоброто што можат да го направат, тогаш мислам дека е многу добро време тие земји да се приклучат на НАТО“, додаде Брав. 

Што би значел влезот на Шведска и Финска во НАТО?

Хари Неделку истакнува дека западните сојузници би можеле да распоредат одредени војници во балтичкиот регион за време на пристапниот процес со цел да испратат политичка порака до Кремљ. Обединетото Кралство веќе потпиша договор за поддршка на Шведска доколку биде нападната, а се очекува нејзиниот пример да го следат и другите западни земји со потпишување сличен договор со двете скандинавски земји. 

Брав нагласува дека, без разлика на поддршката на Велика Британија и САД, членството во НАТО е најдобрата заштита од руските закани. „Кога таа војна ќе заврши, Русија ќе ги лиже раните и ќе рече: 'Па, го имавме нашиот Виетнам. Поминавме навистина лошо и се посрамотивме. Сега ќе ги реформираме нашите вооружени сили'. И ќе го стори тоа. Можеби не толку радикално, како САД по војната во Виетнам, но ќе бидат многу подобри отколку што се сега“. очекува Брав. „Тогаш Шведска, Финска и другите земји во регионот навистина би морале да се грижат за потенцијалната руска агресија. И тогаш би било добро да се членки на НАТО“.