1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Бес и солзи по пукањето врз холандскиот новинар Де Врис

Ингрид Геркама
8 јули 2021

Холандија е огорчена по пукањето врз холандскиот истражувачки новинар Петер Р. де Врис. Обидот за убиство се смета за директен напад врз слободата на медиумите.

https://p.dw.com/p/3wD8l
Amsterdam | Nach Attentat auf Journalisten Peter R. de Vries
Фотографија: Ingrid Gercama/DW

„Твојата работа не е завршена Петер Р. де Врис. Мора да се избориш“, вели 61-годишната Ренате Тјон-Фо, која стои пред морето од цвеќиња на местото каде во вторникот вечерта беше застрелан холандскиот новинар Петер Р. де Врис кој истражува стории поврзани со криминал. 

Телевизиски екипи и новинари од целиот свет се собрани пред студиото на РТЛ Булевар, популарна холандска телевизија. На местото каде што беше застрелан Де Врис со неколку куршуми, меѓу кои и директно во главата, луѓе постојано полагаат цвеќиња, пишани пораки и свеќи.

Тјон-Фо му се моли на господ за Де Врис и вели: „Тој има направено многу за општеството, особено за оние луѓе кои не можат да си дозволат адвокат. Тој беше еден од најправичните луѓе, а сега лошите и неправедни го средија.“

Жртва на криминалите за кои известуваше

Петер де Врис е познато име во многу семејства во Холандија. Со години се појавуваше на вечерните вести и дебатни емисии известувајќи за криминали од големи димензии. Сега Де Врис има советодавна улога во судењето познато како Маренго-процес. Случајот се врти околу Ридуан Тахи и 16 коосомничени за кои јавното обвинителство на Холандија смета дека се членови на таканаречената „Мокро мафија". Како осомничени членови на мароканско-холандската мафија се претпоставува дека се одговорни за серија убиства и обиди за убиство во Холандија во периодот помеѓу 2015 и 2019.

Peter R. De Vries | niederländischer investigativer Journalist
Петер Р. де Врис се бори за животФотографија: Hollandse Hoogte/ANP/imago images

Де Врис имаше улога на портпарол и советник за крунскиот сведок Набил Б., кој ќе сведочи против Тахи, осомничениот лидер на групата од Амстердам која се смета за еден од најголемите дистрибутери на дрога во Холандија. Две лица блиски до Набил Б. се веќе мртви, веројатно убиени од страна на соработници на Тахи. Во 2018 година братот на Набил Б. беше убиен среде бел ден во Амстердам, а во 2019 година неговиот адвокат Дерк Вирсум беше застрелан пред неговата куќа. Работата на Де Врис, кој го разоткриваше подземјето, резултираше со повеќе смртни закани. Од весникот „Де Телеграф“, каде тој ја започна својата кариера, велат дека истражувал повеќе од 500 убиства. Во 2019 новинарот рече дека е на листата на Тахи за отстрел. Де Врис се бори за својот живот во болница во Амстердам, а две лица се приведени како осомничени за нападот: еден 35-годишен Полјак, кој живее во Холандија и 21-годишен маж од Ротердам. Двајцата ќе бидат изведени пред судот во петок. Трето лице уапсено по пукањето во вторникот било пуштено на слобода. Мотивот за пукањето не е соопштен.

Повеќе: Застрелан познат новинар, Холандија во шок

Холандија, нарко-држава?

Пукањето врз Де Врис е само дел од серија насилни инциденти во Холандија, која инаку се смета за многу безбедна земја. Во 2012 година, Амстердам беше сведок на пукање со калашникови меѓу две завојувани банди. Во 2016-тата отсечена глава беше пронајдена пред кафуле. Минатата година холандската полиција откри седум бродски контејнери во близина на Ротердам кои биле преиначени во ќелии и комори за мачење, а во една од нив имало стоматолошки стол со ленти за врзување и лисици.

Prominenter Crime-Reporter in Amsterdam niedergeschossen
Нападот врз новинарот Де Врис се случи среде бел ден на една од најфреквентните улици во АмстердамФотографија: Evert Elzinga/ANP/picture alliance

Како резултат на таквото насилство, во извештај на Холандскиот синдикат на полицијата во 2018 година Холандија се оквалификува како „нарко-држава." Во Извештајот кој се потпира на искуството и експертизата на холандски детективи, меѓу другото, се вели: „Ако нивните криминални интереси се загрозени, тие немаат проблем тајно да им се закануваат или да вршат изнуда од влијателни личности, како градоначалници, советници и новинари."

Опасна професија

Министерот за правда и безбедност, Фердинанд Граперхаус, вели дека мора да биде сопрен нарко-криминалот во земјата. На прес-конференција по застрелувањето на новинарот, тој Де Врис го пофали како „храбар и човек кој критикувал". „Ова е болка за нашето општество“, додаде Граперхаус, оценувајќи го нападот врз новинарот како напад врз слободата на медиумите.

„Ова го погодува новинарството директно во сржта“, вели Томас Брунинг, генерален секретар на Холандското здружение на новинари. Здружението денеска треба да се сретне со Граперхаус за да разговара за заканите врз членови на медиумската фела во земјата.

Новинари од Холандија и светот се активираа на социјалните медиуми во знак на поддршка. „Новинарите во ЕУ мора да бидат во состојба да истражуваат кривични дела и корупција без да се плашат за својата безбедност“, пишува Том Гибсон од Комитетот за заштита на новинари.

Новинари од таблоидот „Де Телеграф“, каде Де Врис претходно работел, се бесни поради случувањето. Мик ван Вејли, репортер за криминал во весникот, напиша: „Ова е премногу, ова мора да престане, Петер продолжи да се бориш."

Граѓаните во знак на поддршка за Де Врис се згрозени и од бескрупулозноста на нападот кој се случи среде бел ден на една од најфреквентните улици во главниот град. „Тоа е опасна професија“, вели 62-годишниот Пати Хејер со солзи во очите. „Ова не би требало да е возможно во Холандија."

„Страшно е," вели Даниел Зевардер, продавач од Амстердам, кој донесе циклама и жолти цвеќиња на местото каде беше застрелан Де Врис. „Петер, издржи", пишува на едното, а на другото стои: „Камо да имаше повеќе луѓе како тебе“.