1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот султан Ердоган

Елизабета М. Фиданоска (ТАЦ, Тагесшпигел, Шпигел)4 август 2014

Ердоган сака да стане претседател на Турција за на земјата да и‘ стави дефинитивно свој печат. Проблемот е што тој е бескрупулозен, оценува денеска „Тагесшпигел“, на неколку дена пред изборите во Турција.

https://p.dw.com/p/1CoWj
Фотографија: Reuters

„Никој не го поларизира општеството толку како Реџеп Таип Ердоган, во чија победа не се сомнева никој“, се вели меѓу другото во коментарот со наслов „Ердоган оди низ ѕид“ на весникот „Тагесшпигел“. Натаму, авторот Герд Апенцелер, оценува:

„Долгогодишниот премиер, кој по три мандати веќе не смее да се кандидира за премиерската функција, доминира предолго на политичката сцена во татковината. Токму тоа е неговиот проблем, проблемот на Турција денес. Ниту еден политичар по Кемал Ататурк не оставил таков печат врз модерна Турција како Ердоган. Економскиот подем е заслуга пред се‘ на овој човек, кој со својата партија АКП успеа во борбата против корумпираните елити на власт, исто како што негова заслуга е и што армијата, подготвена постојано на пуч, се врати назад, во касарните.

Но Ердоган во последните години веќе не е модернизаторот, кој исто како Ататурк сакаше модерна, конкурентна земја. За разлика од Аататурк, строгиот верник Ердоган не сака лаицистичка, туку исламска држава, а некои дури веруваат дека сака исламистичка држава.“

Со сличен тон е и текстот во „Тагесцајтунг“. Во него се оценува дека Ердоган е голем фаворит на изборите што ќе се одржат на 10 август и дека е само прашање дали тој ќе победи уште во првиот круг:

„Уште сега неговите приврзаници ги слават изборите како голема победа на демократијата, затоа што претседателот првпат во турската историја ќе се избира директно. Да гласаат можеа и Турците кои живеат во странство... Демократската кампања на Ердоган, меѓутоа, е чиста демагогија... На кратки или долги патеки ќе има нов устав кој ќе води кон претседателски систем. Но тоа тогаш нема да биде толку важно. Важно е што со изборот на Ердоган земјата ќе тргне во нова насока на еден владетел... Кога Ердоган во август 2014 година ќе биде избран за претседател, ќе заврши епохата на турската република. Претседателски системи како во Франција или САД можат да бидат демократски. Но турски претседателски систем ќе наликува повеќе на системите во Казахстан или Египет. На ѓубриштето на историјата ќе бидат фрлени пред се‘ досегашните цели на државата. Ердоган одамна не крие дека ‘неговата Турција‘ ја сфаќа како дел од муслиманската, а не од западната цивилизација.“

Zeitungen aus Springer Verlag Symbolbild Presseschau Presse
Фотографија: picture-alliance/dpa

Магазинот „Шпигел“ денеска (4.08) објавува текст за Ердоган и Турција и на германски и на турски јазик. Тоа, како што се вели, е гест во насока на најголемата доселеничка група во Германија и на читателите во Турција. Во големата анализа под наслов „Новиот султан“, за Ердоган, меѓу другото, се констатира:

„Најмногу би сакал да владее доживотно или барем до 2023 година, кога ќе се одбележи стотгодишнината од основањето на републиката. Тој често зборува за 2023 година... Турција за време на неговото владеење доживеа голем пресврт, од кризна земја стана регионална сила. Се промени и Ердоган - од религиозен фундаменталист кон демократски реформатор кој ги обезвласти елитите, поттикна економски бум и го ослободи строго конзервативното мнозинство во земјата од сиромаштија и политичка безгласност. Меѓутоа, со секоја изборна победа тој стануваше поавторитарен. Задушуваше протести и затвораше критичари, постепено се‘ повеќе ги спроведуваше исмалските претстави за моралот. Реформаторот стана патријарх. Носителот на надеж се претвори во ризик... Ердоган не крие како сака да владее во иднина. Во едно телевизиско интервју на крајот на јули најави дека сака воведување претседателски систем, а како примери ги наведе Кина и Русија. Според Ердоган, работата на владата ја спречуваат ‘олигарси во бирократијата‘. Тој рече дека ‘на нашиот пат има пречки‘. Во државата на Ердоган веќе нема да има пречки“, се оценува на крајот на долгиот текст на тема Турција и Ердоган, објавен во магазинот „Шпигел“ на германски и на турски јазик.