1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новите избори се втор Брегзит-референдум

Шарлоте Потс
31 октомври 2019

Конечно нешто се движи во Велика Британија. Новите избори се единствен излез од политичкиот ќорсокак и голема шанса за земјата, смета Шарлоте Потс.

https://p.dw.com/p/3SFfu
London Brexit / Flagge vor Uhr am Queen Elizabeth Tower
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Tallis

Натегањето во парламентот во Велика Британија беше речиси неиздржливо. Со денови на политичките дописници кои известуваа што се случува во Вестминстер им се здрвуваа нозете од повеќечасовно стоење - нема Брегзит, нема втор референдум, нема останување во ЕУ. Ниту предвремени избори - до завчера. Сега конечно нешто се мрдна од мртва точка во Обединетото Кралство!  Изборите на 12. декември  се единствен излез од застојот кој веќе две години ја парализира Велика Британија. Тие се истовремено голема шанса за земјата и за народот, од три причини: 

За работа на парламентот е потребно мнозинство

(1) Парламентот каде нема мнозинство едноставно не функционира. Виновна за тоа е Тереза Меј. Таа во 2017 година ненадејно свика нови избори, во изборната кампања стартуваше со предност, која ја проигра во само шест недели. Парламентот произлезен по изборите беше парализиран - не постоеше мнозинство и постојано на дневен ред беа стратешки игри. Во оваа точна мора да му се даде право на Борис Џонсон: парламентот во неговиот сегашен состав веќе не може да работи. Кон тоа се надоврзува британски премиер кој не е избран од народот, туку од само две третини од партиските членови на Конзервативците. Во борбата за партиската челна позиција, за него гласаа само 140.000 Ториевци. Доколку овој премиер, без претходно да биде легитимиран преку избори, го спроведеше Брегзит, тоа ќе беше едноставно недемократски. Борис Џонсон сега мора да се соочи со 45 милиони Британци со право на глас. 

(2) Предвремените избори на 12. декември на Британците им нудат шанса за постигнување јасност. Три години по референдумот за Брегзит, народот е свесен колку силен ќе биде ударот на излезот од ЕУ за британската економија и општеството.  Новите избори де факто се еден вид втор референдум за излезот на Велика Британија од ЕУ.  Зашто, да бидеме искрени: на овие избори не станува збор за ништо друго освен за Брегзит, тоа е доминантна тема.

Potts Charlotte Kommentarbild App
Шарлоте Потс

Најголем дел од партиите имаат јасна позиција: Ториевците сакаат јасен прекин со ЕУ (со договорот издејствуван од Џонсон). Хардлајнерите од Партијата за Брегзит се исто така за Брегзит. Либерелните демократи отворено застапуваат заборавање на Брегзит и останување во ЕУ. На истиот курс се наоѓа и шкотската Национална партија, СНП. Во моментов е важно Лабуристичката, најголемата опозициска партија, конечно да застане на цврста позиција, дека е за Брегзит, но за натамошна тесна поврзаност со ЕУ.

Опозицискиот лидер Џереми Корбин по референдумот ја прокоцка шансата да понуди јасна алтернатива за Брегзит-курсот на Ториевците. Оваа неодлучност ќе го чини бројни гласачи. Значи, таква е позиционираноста на партиите. Британските избирачи на декемвриските избори треба да одберат меѓу курсот на Џонсон за Брегзит или, по три години брегзитски хаос, курсот на проевропските партии.

Конечно да се расчисти маглата!

(3) На земјата и на гласачите им е потребна токму оваа јсност. Несигурноста произлезена од постојаните натегања ја парализира Велика Британија. На секои неколку дена, уште некоја фирма го повлекува своето седиште од Велика Британија.  Потенцијалните купувачи на недвижности порадо се одлучуваат за кирија, зашто не знаат што ќе следи. Примателите на социјална помош стравуваат за поддршката. Некои Британци одамна трупаат резерви за случај на нерегулиран Брегзит. Граѓаните на ЕУ во Велика Британија напнато го следат секој нов рок за Брегзит. Пратениците добиваат смртни закани поради своите ставови за заминување или останување во ЕУ. Истовремено, се` поголем број гласачи чувствуваат психички проблеми предизвикани од трајната несигурност.  Народот е уморен од Брегзит,  а земјата длабоко поделена. Токму затоа е неопходно потребна јасност. Па дури и ако таа значи збогување. Немојте да ме разберете погрешно: јас сум убедена Европејка, со моето семејство живеам во Лондон и копнеам Велика Британија да остане во ЕУ. Но, секое натамошно одложување и мене ми предизвикува главоболки, зашто никој веќе не знае што ќе дојде.

Новите избори се единствен пат за надминување на застојот. Така барем гласи теоријата. Се разбира, праксата може да изгледа и поинаку, ако на пример повторно нема јасно парламентарно мнозинство. Затоа, подобро е човек повторно да биде спремен за следна неизвесна рунда.