1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново задолжување за да се покријат стари долгови

ДТЗ
4 март 2021

С. Македонија се задолжи за нови 700 милиони евра, за да го врати долгот од еврообврзницата на владата на ВМРО-ДПМНЕ од 2014 година во износ од 500 милиони евра.

https://p.dw.com/p/3qEAy
Nordmazedonien | Finanzminister | Fatmir Besimi
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Северна Македонија се задолжи за нови 700 милиони евра, за да го врати долгот по основ на третата еврообврзница издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра. Останатите 200 милиони евра, според најавите на министерот за финансии, Фатмир Бесими ќе се насочат кон економските и здравствени мерки за справување со ковид-кризата и за закрепнување на економијата „Тоа беа и главните приоритети при донесувањето на буџетот за 2021 година“, вели Бесими. 
Министерството за финансии ја издаде осмата еврообврзница по најниска каматна стапка од 1,625 проценти. Бесими смета дека расте кредибилитетот на инвеститорите во македонската економија и политиките кои се спроведуваат. Во контекст на тоа посочува дека интерес за еврообврзницата покажале 130 меѓународни инвеститори и понудата била 2,3 пати поголема, со што имало интерес за позајмување на 1,6 милијарди евра.  
„Ваквиот голем интерес покажа дека инвеститорите имаат доверба во инвестициските политики што ги водиме  и оттука огромниот интерес за еврообврзницата и во време на ковид-криза. Големиот интерес доведе и до рекордно ниска каматна стапка која го обори рекордот што го имавме постигнато со еврообврзницата од 2018 година“, вели Бесими.

-повеќе на темата: Коронавирусот ја зарази и економијата: Еврообврзницата ќе се премостува со краткорочни кредити

Она што е особено охрабрувачки, според министерот, од аспект на меѓународниот пазар на капитал е дека за само девет месеци има значително подобрување на перспективите на економијата и нејзиниот потенцијал кај меѓународните инвестори. Така, каматната стапка на седмата еврообврзница, која беше издадена на почетокот на корона-кризата во јуни 2020 година изнесуваше 3,625 проценти. Сега каматната стапка е 1,625 проценти, или за 2,05 процентни поени помалку.
Иако сумата на осмата издадена еврообврзница е 700 милиони евра, нето-повлекувањето по основ на оваа еврообврзница е 200 милиони евра. Со средствата од осмата еврообврзница ќе се рефинансира еврообврзницата издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра. Станува збор за третата еврообврзница, која беше издадена од ексминистерот за финансии, Зоран Ставрески и беше со рок на доспевање од седум години. Еврообврзницата од 2014 година е издадена со каматна стапка од 3,975 проценти со рочност од 7 години, или за 2,35 процентни поени повисоко во однос на еврообврзницата издадена сега. На тој на камата ќе се заштедат скоро 82,25 милиони евра.
Земјава претходно има седум пати излезено на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзници: во 2005 година со камата од 4,625%, во 2009 со камата од 9,875%, во 2014 со камата од 3,975%, во 2015 со камата од 4,875%, во 2015 година со камата од 5,625%, во 2018 година со камата 2,75% и 2020 со камата од 3,675%.
Министерството за финансии проектира дека до крајот на годината, државниот долг ќе изнесува 53,2 проценти, а до 2025 година - 51 проценти.Проекциите на Министерството за финансии покажуваат дека државниот долг на крајот на годината ќе изнесува 53,2 проценти, додека јавниот 63,4 проценти.