1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново поскапување на струјата тропа на врата

ДТЗ
27 мај 2022

Како една од причините за ова поскапување се наведуваат злоупотреби од страна на општините. Тие за да ги намалат трошоците формирале јавни претпријатија, преку кои цената на струјата ја плаќале како домаќинства

https://p.dw.com/p/4By9I
Symbolfoto | Stromkosten
Фотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Ново поскапување на струјата тропа на врата. Најавите се дека сметките за македонските граѓани веќе од јули би можеле да бидат за 10% повисоки. Како една од причините за ова поскапување се наведуваат злоупотреби од страна на општините. Првиот човек на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски, посочува дека општините за да ги намалат трошоците за улично осветлување, формирале јавни претпријатија, преку кои цената на струјата ја плаќале како домаќинства. Со тоа за четири месеци направиле трошок од над 30 милиони евра. Тој трошок ќе значи 10 проценти зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните. Се бара начин како овој товар да не удри по џебот на граѓаните.

„Тој трошок Регулаторната комисија за енергетика сега ќе го префрли назад кај сите тие општини“, порача Бислимоски.

Stromzähler
Фотографија: Fotolia/kritiya

Во овие 10 отсто не се пресметани трошоците кои ги доставуваат до РКЕ енергетските компании и чинењето на електричната енергија од ЕСМ од што и најмногу зависи крајната цена за граѓаните. Дел од компаниите доставиле до РКЕ пресметки за нивните трошоци, а таков документ се чека уште од МЕПСО.

Во однос на промените за начинот на пресметка во сметките за електрична енергија за граѓаните, во зависност од висината на потрошувачката, односно за воведувањето блок-тарифи, првиот човек на РКЕ вели дека се уште се анализира колку групи на потрошувачи ќе има. „Во зависност дали ќе бидат три или четири блока, некаде очекувањата се движат од 150 до 250 киловат часови за првиот блок само за скапа тарифа, потоа од 250 до 300 – 400 киловат часови, потоа од 400 до 500“, вели Бислимоски, кој е дециден дека се прават анализи за што е  можно поголемо олеснување кај најголемиот дел од домаќинствата, а тие со екстремно повисока потрошувачка ќе имаат и поголеми трошоци за електрична енергија.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека намаленото домашно производство на електрична енергија, кое е рекордно најниско е причината за енормното поскапување на електричната енергија. „Доколку состојбата не беше катастрофална каква што ја направија кадрите на СДСМ, денес немаше граѓаните, општините и стопанството да плаќаат толку скапа струја“, реагираат од партијата, притоа додавајќи дека градоначалниците се бореле да заштедат за општините и да ја преживеат енергетската криза.