1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново сценарио на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

БГ/мета18 мај 2016

Владејачкото мнозинство во Собранието попладнево ги прифати оставките на министрите од опозицијата и назначи нови. СДСМ предупредува од погубно сценарио. За изборите ќе се расправа подоцна

https://p.dw.com/p/1Iq5T
Фотографија: MIA

Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ попладневно одлучија да ги прифатат оставките на министрите од опозициската СДСМ во Собранието и на нивно место да именуваат нови. Пратениците на СДСМ ја напуштија седницата.

Министрите за внатрешни работи и социјална политика Оливер Спасовски и Фросина Ременски оставките ги поднесоа во пресрет на одлуката за распуштање на Собранието во април годинава, но тогаш парламентот не беше свикан за да ги констатира.

Мнозинството избра нови министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ: Митко Чавков за внатрешни работи и Диме Спасов за труд и социјала.

Констатирани се и оставките на дополнителните заменици министри за земјоделство, информатичко општество и економија, Љупчо Николовски, Александар Кирацовски и Кире Наумов.

Целта на денешната седница беше да се расправа за одложување на изборите закажани за 5 јуни, откако претходно Уставниот суд ги замрзна одлуките на највисокиот законодавен дом. Неочекувано како прва точка на дневниот ред, сепак се најде одлуката да се констатираат оставките на министрите од СДСМ, на барање на премиерот Емил Димитриев.

Координаторот на пратеничката гупа на СДСМ, Горан Сугаревски, оцени дека со ваквата одлука на власт се вратиле „аболицираните криминалци“.

„ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ ја туркаат Македонија во погубно сценарио и насилно ја поништуваат и техничката влада, насилно ги враќаат претходните министри. Институции во Македонија нема. Ја загрозивте иднината на Македонија и ова насилие е на ваша одговорност. Вршите злодело врз граѓаните на Република Македонија“, рече Сугаревски.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски го праша техничкиот премиер Емил Димитриев, зошто и тој не поднесе оставка, бидејќи е назначен за организирање на изборите. Димитриев не одговори на пратеничкото прашање.