1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НСА ги шпионирала Гугл и Јаху

ЕМФ/ард/дв31 октомври 2013

Американската тајна служба НСА, според информации на „Вашингтон пост“ шпионирала милиони мејлови на Гугл и Јаху и имала пристап до стотици милиони кориснички профили. Интернет мрежите се огорчени, НСА демантира.

https://p.dw.com/p/1A9QJ
Фотографија: imago/Christian Ohde

Според весникот „Вашингтон пост“, НСА ги надгледувала врските меѓу серверските центри на Јаху и Гугл, без согласност на двата концерна и без дозвола на правосудните инстанци во САД. Повикувајќи се на документи од поранешниот соработник на тајните служби Едвард Сноуден и на неименуван соработник на американската влада, „Вашингтон пост“ во своето онлајн издание тврди дека проектот носи име MUSCULAR и дека тука прсти има замешано и британската тајна служба GCHQ.

Весникот пишува дека во документите на НСА стои оти оваа служба од 9 јануари годинава секојдневно испраќа податоци од интерните мрежи на Гугл и Јаху во центрите за податоци во седиштето на НСА во Форт Мид. Во изминатите 30 дена биле трансферирани 180 милиони нови групи податоци, меѓу кои т.н. мета-податоци, но и текстови, аудио и видео фајлови. Притоа, од ваквото шпионирање може да се погодени повеќе стотици милиони граѓани, меѓу нив и многу американски граѓани. Голем дел од податоците во рамките на „Muscular“ се од странство, а таму американското правосудство не е надлежно.

Проектот „Muscular“ се разликува од програмата Призма, со која американските власти добиле директен пристап до интернет комуникациите на различни понудувачи. Во случајот на Призма, специјален суд ја преиспитува законската оправданост на барањето на НСА за одредени податоци, па дури потоа податоците смеат да и‘ бидат предадени на тајната служба. Според медиумски извештаи, меѓутоа, судиите речиси исклучиво одлучуваат во полза на НСА.

Шефот на НСА демантира, концерните се вознемирени

„Немаме никаков пристап до сервери на Гугл, на Јаху и.т.н“, демантираше шефот на НСА, Кит Александер, непосредно по објавувањето на информациите за прислушување. НСА, рече тој, за да добие пристап до комуникациски податоци мора преку ФБИ да добие судска дозвола. „Освен тоа не станува збор за милиони, туку за илјадници податоци“, рече Александер во Вашингтон.

Internet Google Yahoo Logo Yahoo! und Google wollen im Werbegeschäft kooperieren
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Гугл прво реагираше со загриженост во врска со можното надгледување на интернет комуникацијата, но потоа зборовите станаа значително поостри: „Вознемирени сме околу тоа колку далеку отишла владата“, рече првиот човек на правната служба на Гугл, Дејвид Драмонд. Случувањата покажуваат дека е неопходна итно реформа. Јаху во својата реакција нагласи дека не е дадена дозвола на ниту една владина институција за прислушување.

Делегација од кабинетот на Меркел во Белата куќа

Висока германска делегација во Вашингтон разговараше со водечки претставници на американската влада околу аферата со прислушување. Двете страни, како што беше соопштено во Берлин, разговарале „како во иднина да се води дијалогот за соработката на подрачјето на тајните служби“. Двете страни договориле советувањата на оваа тема да продолжат во наредните денови и недели. Германско-американските односи во моментов се прилично отповарени поради наводното долгодоишни прислушување на мобилниот телефон на канцеларката Меркел од страна на НСА.