Обама одлучно на страната на Јапонија
24 април 2014Американскиот претседател Барак Обама на средба со јапонскиот премиер Шинзо Абе во Токио ја изрази посветеноста на Вашингтон на одбрана на Јапонија, вклучително и островите кои се во центарот на територијалниот спор со Кина. Обама, сепак, ги отфрли гласините дека повлекува нова црвена линија и повика на мирен дијалог за островите.
„Не заземаме позиција за конечно одредување на суверенитетот на островите Сенкаку, но историски тие биле под управа на Јапонија и сметаме дека не треба да бидат предмет на унилатерална промена.“
Но, Обама истакна-сојузот со Јапонија го покрива и прашањето за островите, значи, ако островската група биде нападната, САД ќе интервенираат. Тоа не е нова позиција, туку доследна, истакна Обама на заедничка прес конференција по средбата со Абе.
Островската ненаселена група која Кина ја нарекува Диаоју се наоѓа во морски води богати со риби, а во близина се претпоставуваат и големи резерви со нафта и гас. Кина постојано испраќа бродови и чамци околу островите, со цел да демонстрира сила.
Обама истакна дека во рамките на својата азиска турнеја особено ќе ја потенцира одговорноста на сите земји за почитување на меѓународното право и основните правила во светот. Американскиот претседател од Токио заминува за Сеул, Куала Лумпур и на крај во посета на Манила.