Обама потфрли, Трамп не е многу подобар
26 август 2017Кога избраниот претседател Трамп, кусо пред официјалната инаугурација, во Белата куќа го посети претседателот Обама, медиумите пренесоа дека стариот шеф на државата му пренел на новиот оти еден од главните предизвици за време на неговиот мандат ќе биде Северна Кореја. Се покажа оти Обама бил во право. Седум месеци подоцна агресивното раководство во Пјонгјанг се заканува дека ќе ја нападне американската територија и постојано извршува ракетни тестови. Така беше и денеска. Имено САД и Јужна Кореја соопштија дека Пјонгјанг испукал неколку ракети но ниту една од нив не преставувала закана за американскиот остров Гуам. Далечните тензии на Корејскиот полуостров се на врвот на агендата на Доналд Трамп.
Во една работа Трамп несомнено е во право- тоа што Северна Кореја и натаму му задава главоболки на Вашингтон има врска со лошата политика на Барак Обама. Неговиот пристап кон проблемот се опишува со синтагма на стратешко трпение. Така Обама работите ги дефинираше во една стратегија за национална безбедност од 2015 година: „Предизвиците со кои се соочуваме бараат стратешко трпение и истрајност.“ Тоа, додуша, не се однесуваше само на Севрна Кореја, туку на надворешната политика генерално, но далекуисточната диктатура секако беше демонстративен пример за таквата политика.
Обама уште на почетокот на својот мандат отфрли воена опција во поглед на Пјонгјанг. Неговата админстрација речиси цели 8 години трпеливо се обидуваше на разни начини да ја убеди или принуди Северна Кореја да запре со развојот на ракети и нуклеарни боеви глави. Во алатките на Обама се вбојуваа дипломатскиот и економскиот притисок, и постојани осуди за катастрофалната социјална состојба и недостатокот на човекови права опишани во извештаите на ОН.
Притисок без понуда
„Пристапот на Обама кон Северна Кореја беше промашување. Тој ѝ даде на Северна Кореја време да продолжи со развојот на својот нуклеарен арсенал“, вели Келси Девенпорт, познавач на темата за нуклеарно разоружување во американскиот тинк-тенк Асоцијација за контрола на оружјето.
Основна грешка, смета таа, беше очекувањето на Обама оти Пјонгјанг ќе биде подготвен да се разоружа пред воопшто вашингтонската администрација да се согласи да седне на преговарачка маса. „Од Северна Кореја се бараше да се обврзе на исходот од преговорите, додека САД не би се обврзале на ништо. Предусловите за преговорите ги преминаа сите граници.“
Санкциите, додава таа за ДВ, не биле поврзани со прифатлива понуда за Пјонгјанг, така што на комунистичкиот режим практично не му бил понуден излез. Таа политиката на Обама ја опишува како „правење сметка без крчмар“.
„Според секое можно мерило стратешкото трпение беше промашување“, се согласува и Селест Арингтон, професорка упатена во проблематиката на Кореја од Универзитетот Џорџ Вашингтон. Таа смета дека Вашингтон не ги разбрал намерите на раководството на Северна Кореја. „Само чекање на потези на Пјонгјанг беше пасивна состојба. Можеби администрацијата на Обама можеше посилно да инсистира на дијалог или барем на враќање на форматот на преговори за шест држави како што беше случај во 2005 и во 2006 година.“
Дотолку повеќе, Белата куќа ја игнорираше директно пружената рака од Пјонгјанг. Така, потсетува Девенпорт, во 2014 и во 2015 година династијата Ком понуди замрзнување на своите тестови на нуклеарно оружје во замена за замрзнување на американските воени вежби со јужнокорејската војска. „Кога Северна Кореја ја отвори вратата за разговори, САД веднаш ја затворија.“
Споредувајќи ја ситуацијата со американско-иранските тензии кои ги совлада владата на Обама, Келси Девенпорт наведува оти на преговорите со Техеран се пристапило поискрено и поотворено.
Нова-стара политика
Она што соговорничките на ДВ го нарекуваат „пропаст на политиката на Обама“ резултираше со враќање на Северна Кореја на производството на плутониум за нуклеарно вооружување и амбициозна програма за развој на проектили. Следеа низа тестови од кои секој дополнително ја вжештуваше ситуацијата во регионот. „Трамп е во право кога вели дека стратешкото трпение не успеја“, вели Девенпорт.
Но проблем е тоа што, додава, освен критиките на сметка на својот претходник, актуелниот претседател не стори ништо да ја подобри ситуацијата или да понуди алтернатива. „Всушност администрацијата на Трамп го препакува стратешкото партнерство и го претстави под друго име на максимален притисок и ангажман- и тоа во комбинација со неодговорни закани со воена сила. Новиот пристап не е ништо подобар, дури е и многу поопасен."
„Кога ќе ги сведете работите на суштината, не гледам мерлива разлика во однос на политиката“, вели професорката Арингтон. „Можеби има повеќе реторика и твитови и нејасни сигнали и збунувачки пораки, но на крајот изгледа главно како она што го гледавме од администрацијата на Обама. Можеби стратешкото трпение е сѐ уште живо.“