Обама ја ублажи затворската казна на Челси Менинг
18 јануари 2017Претседателот Барак Обама ја преиначи затворската казна на американскиот трансексуалец Челси Менинг, поранешен воен разузнавачки аналитичар кој ѝ достави тајни документи на интернет платформата Викиликс, соопшти Белата куќа.
Според одлуката на Обама, 23-годишниот трансроден американски војник, роден како Бредли Менинг, наместо 35 години затворска казна ќе отслужи казна од 7 години и ќе биде ослободен веќе на 17 мај годинава наместо во 2045 година, како што предвидуваше судската пресуда.
Менинг е осуден на 35 години затвор поради откривање владини тајни и воени документи на Викиликс, а тоа беше најголемо протекување на тајни материјали во американската историја. Тој беше уапсен во 2010 година и имаше два обида за самоубиство минатата година.
Викиликс-дил: Асанж за Менинг
Минатиот петок интернет платформата Викиликс објави дека нејзиниот основач Џулијан Асанж е подготвен да биде испорачан на САД, доколку Челси Менинг биде помилувана. 45-годишниот Австралијанец пред повеќе од четири години побара засолниште и заштита во амбасадата на Еквадор во Лондон. Против него е издаден налог за апсење во Шведска поради обвинувања за сексуално злоставување. Асанж стравуваше дека по евентуалното испорачување во скандинавската земја би следувала и екстрадиција во САД, каде му се заканува долга затворска казна.
Асанж ја поздрави одлуката на Обама. Претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Пол Рајан, наспроти тоа, го осуди намалувањето на казната. Тој истакна дека Менинг го довел во ризик животот на Американците и издал некои од најчувствителните тајни на нацијата.
Инаку, според соопштението на Белата куќа, со указот на Обама им е намалена затворската казна за 209 затвореници, вклучувајќи го Менинг.
Обама исто така ќе помилува 64 лица, вклучувајќи го и генералот во пензија Џејмс Картајт, кој е обвинет дека давал лажни изјави за време на истрагата за откривање тајни информации.
Поголемиот број од лицата на кои им се намалени казните се осудени за престапи поврзани со дрога.