ОБСЕ загуби контакт со еден свој тим во Доњецк
27 мај 2014Во моментот кога се загубил контактот тимот од четворица набљудувачи на ОБСЕ, како што соопшти организацијата, бил на рутинска патрола кај Доњецк. Досега на ОБСЕ не му успеа да воспостави повторно контакт со набљудувачите, речено е денеска (27.05) во Виена. Украинската влада и регионалните власти се информирани за ситуацијата.
Инаку, во Доњецк денеска, по жестоки борби со проруските сепаратисти, украинските владини сили успеаја повторно да со заземат аеродромот. Украинската армија вчера почна напад врз аеродромот, кој во ноќта пред тоа падна во рацете на вооружени сепаратисти. Копнените украински трупи притоа добија поддршка од борбени авиони, воени хеликоптери и падобранци.
Градоначалникот на Доњецк Александер Лукјанченко соопшти дека во досега најтешките борби во источниот дел на Украина, загинале 40 луѓе. Покрај сепаратисти и војници, загинале и двајца цивили. Освен тоа има и 31 повредено лице. Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков, пак, изјави дека во борбите проруските милиции „претрпеа тешки загуби“ и дека меѓу загинатите нема војници.