1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кои институции затаиле во случајот во Кратово?

ДТЗ
5 април 2021

Оперативец на ЦУК барал теренско возило, но не можел да најде. Никој не побарал од АРМ да испрати хеликопер на теренот. Комисија ќе утврдува кој сѐ затаил во случајот.

https://p.dw.com/p/3rbUT
Deutschland Coronavirus - Intensivstation Universitätsklinikum Bonn
Фотографија: Rolf Vennenbernd/dpa/picture alliance

Овчарот од Кратовско, кој на импровизирани носила од непристапен и завеан терен бил донесен во болницата во Штип, се бори за живот. По обелоденувањето на голготата од страна на лекар од Итната помош кој учествувал во спасувачката драма и барањето одговорност од надлежните институции кои не се одзвале на повиците за помош, формирана е петчлена комисија од Центарот за управување со кризи која ќе го испитува случајот во Кратово.

Овчарот бил пронајден промрзнат во близина на неговиот дом во тешка здравствена состојба. Медицинска екипа заедно со роднини на овчарот направиле импровизирана носилка, по што пет часа на раце го носеле низ снегот, за да го спасат неговиот живот.

Hand im Schnee
​​​​Овчарот бил пронајден промрзнат во близина на неговиот дом во тешка здравствена состојба (архивска фотографија)Фотографија: Imago/Westend61

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на прес-конференција изјави дека оперативецот на ЦУК во Кратово направил сè што можел, но никој немал возило. „Нашиот оперативец веднаш се јавил во полицијата и го известил надлежното лице. За жал во полицијата немале соодветно теренско возило со кое би можеле да стигнат на местото, но се понудиле да отидат неколку посилни полицајци кои би помогнале во извлекувањето. Нашиот оперативец веднаш потоа се јавил во противпожарната заштита, но истиот одговор - дека немаат соодветно теренско возило, го добил и од таму. Потоа се јавил во ЈП Македонски шуми од каде побарал помош, но не ја добил. Потоа се јавил на директорот на ЕВН во Кратово надевајќи се дека имаат тие соодветно возило. На крај се јавил и на директорот на комуналното претпријатие од каде прво добил надеж дека ќе се обезбеди возило, но потоа не било обезбедено“, рече Ангелов.

-повеќе на темата: Ги слушна ли некој лелеците на мајката од Кратово? 

Оперативецот бил фокусиран само на барање теренско возило, џип или можеби и трактор, но не и на хеликоптер. Поради тоа, нагласува дека се потребни промени во процедурите со кои се предвидува начинот на дејствување. „Според стандардните оперативни процедурите тој не е обучен да носи одлука дали е потребен хеликоптер или не. Но, сепак тука пронаоѓам наша слабост која во иднина ќе биде променета. Секогаш, во каква било ситуација кога ќе имаме загрозен живот на кој било наш граѓанин на кое било место, ние како ЦУК ќе погрижиме да испратиме хеликоптер за извлекување“, вели Ангелов.

Според претседателот Стево Пендаровски, немало никакво барање до Армијата за да помогне со хеликоптер во спасувачката акција на завеаниот овчар. „Тоа е една поразителна и трагична приказна за сите нас како држава“, вели Пендаровски. Тој истакнува дека Армијата многупати помагала во секакви ситуации, но проблемот е што овојпат воопшто немало такво барање до нив.

Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Ова е една поразителна и трагична приказна за сите нас како држава, вели ПендаровскиФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска побара одговорност за небрежноста на институциите. Тие испратиле барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за локална самоуправа за да се утврди дали Општина Кратово ги презела сите дејствија кои се во нејзина надлежност. Според нив, ако контактираните институции немале можност да спроведат акција, градоначалникот имал обврска да побара ангажирање на републичките сили за заштита и спасување, според членот 35 од Законот за заштита и спасување. „Хелсиншкиот комитет инсистира на брзо расчистување на овој случај и бара одговорност од сите надлежни поединци и институции, кои не реагирале во една ваква животозагрозувачка ситуација. Ваквиот неетички и противзаконски однос, манифестира екстремна небрежност и кон лицето во тешка здравствена состојба, но и кон здравствените работници и другите лица кои учествувале во неговото спасување“, велат од Хелсиншкиот комитет.