Ограниченото движење нема да го сопре коронавирусот
15 март 2020Експертот на Светската здравствена организација, д-р Брус Ајлвард, кој го предводеше тимот на СЗО во Кина по избивањето на епидемијата на коронавирусот вели дека забраните и ограничувањата на патувањата „генерално не се дел од мерките со кои се справувате со вакво нешто“.
„Она што ние го откривме, како генерален принцип, е дека ограничувањето на движењето не помага“, вели Ајлвард во интервју за Асосиејтед Прес.
„Она за што сте заинтересирани е да откриете: Каде е вирусот?“, вели Ајлвард откако САД забранија патувања од Европа, а повеќе европски држави воведоа ограничувања или забрани на своите граници.
Тој оценува дека „луѓето се збунети“ за вирусот. Препорачува често миење раце и други хигиенски практики за да се избегне зараза, и брзо тестирање доколку постои сомнеж дека некој бил изложен на коронавирусот.
Ајлвард ги разбива и митовите и недоразбирањата за вирусот. Тој вели дека луѓето не треба да се грижат за предмети испратени по пошта од земји со голем број на случаи на вирусот и потсетува дека „шмркањето“ не е симптом на Ковид-19, туку висока температура и сува кашлица.
Тој ги отфрла и надежите дека потоплото време би можело да го уништи вирусот.
„Многу луѓе прашуваат: Ќе си замине ли ова со зимската сезона?“
„Не би се обложил на мајката природа во овој случај. Би се обложил на пронаоѓање на случаите. Изолација на пациентите. Пронаоѓање на контактите. Тестирање. Тестирање. Тестирање.“
И шефот за итни ситуации на СЗО, Мајкл Рајан не е убеден дека потоплото време ќе има влијание врз ширењето на вирусот.
„Мораме да претпоставиме дека вирусот ќе продолжи со капацитетот да се шири, и лажна надеж е да се каже да, ќе исчезне во летно време како и инфлуенцата“. Неговото мислење го дели и Дејл Фишер, консултант за инфективни болести на Универзитетот во Сингапур.
„Можеби откако ќе поминат неколку години и повеќето од светот ќе го надмине, можеби тогаш ќе се сведе на грипозна шема. Но бидејќи немаме природен имунитет на овој вирус, ние сме далеку по ранливи, без разлика какво е времето“.
Кај повеќето луѓе, новиот коронавирус предизвикува само лесни или умерени симптоми, како треска и кашлица. Но некои, особено постарите лица и лица со хронични здравствени проблеми, можат да имаат потешки последици, вклучително и пневмонија. Лицата со полесни симптоми оздравуваат за околу две недели, додека на оние кои се потешко заболени можат да им бидат потребни од три до шест недели за да заздрават.