Од Горбачов до Буш: светот се збогува со Хелмут Кол
17 јуни 2017Речиси веднаш откако вчера во доцните поладневни часови беше објавена веста дека почина поранешниот германски канцелар Хелмут Кол во својата куќа во Лудвигсхафен, почнаа да пристигнуваат реакции и изрази на длабока почит кон починатиот „канцелар на обединувањето“. Од канцеларијата на генералниот секретар на ОН е објавено оти Антонио Гутереш е многу тажен поради смртта на „личниот пријател“. „Очигледно е каква историска улога имаше господинот Кол за обединувањето на Германија само една година по падот на Берлинскиот ѕид и како успешно се снајде на историскиот пат на кој ја одведе Германија.“, истакна Гутереш
Претседателот на Европската комисија, Жан Клон Јункер, порача дека „Хелмут Кол ја исполнил со живот целата европска куќа. Не само поради тоа што градеше мостови меѓу Западот и Истокот, туку и дека никогаш не престана да кова уште подобри планови за иднината на Европа.“ , порача Јункер.
„Секогаш ќе се сеќавам на Хелмут Кол. Тој беше пријател и државник кој помогна да се обедини Европа“, изјави претседателот Советот на ЕУ, Доналд Туск.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, исто така, порача: „Хелмут Кол беше олицетворение на обединета Германија во обединета Европа. Кога падна Берлинскиот ѕид, тој беше дораснат на ситуацијата. Вистински Европеец!“
Новиот француски претседател Емануел Макрон беше меѓу првите кој по соопштението за смртта на Кол преку социјалните мрежи објави дека починал „еден од најголемите државници во Европа и во слободниот свет“. „Покрај тоа, тој беше архитект на обединувањето на Германија и на француско-германското пријателство. Со Хелмут Кол загубивме многу голем Европеец.“, рече Макрон
Шпанскиот премиер Мариано Рахој го нарече Кол „клучна фигура во европскиот процес и повторното обединување на Германија“, „Германија загуби голем државник“ порача холанскиот премиер Марк Руте. „Италија ќе се сеќава на него како фактор на обединувањето и на падот на ѕидот кој ја делеше Европа“, порача италијанскиот премиер Паоло Џентилони, а белгискиот премиер Шарл Мишел истакна: „ Замина еден вистински Европеец“.
„Хелмут мразеше војна“, изјави, исто така, личниот пријател на Хелмут Кол, поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш постариот и додаде: „Но го мразеше тоталитаризмот уште повеќе. Работата со мојот многу добар пријател на задачата да се стави крај на Студената војна и да се постигне обединување на Германија во рамките на НАТО ќе остане една од најголемите радости во мојот животот.“, истакна Џорџ Буш постариот.
„Тој требаше да најде одговори на најголемите прашања на нашето време“, изјави поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, „а со тоа што најде вистински одговори, овозможи обединување на силна, богата Германија и создавање на Европската унија.“
Поранешниот министер за надворешни работи на САД, Хенри Кисинџер, пак смртта на Кол ја нарече „загуба на близок и доверлив пријател“. „Хелмут Кол беше историска личност која значително допринесе за обединување на Германија, слога во Европа и трансатланско партнерство.“, изјави Кисинџер.
Поранешниот советски претседател Михаил Горбачов истакна дека Кол бил извонреден политичар, кој остава значајни траги во светската историја.„Германците на Хелмут Кол му го дадоа прекарот 'канцелар на германското единство'. Тоа е исправно и оправдано“, рече Горбачов.
Значително подоцна од неговите претходници на функцијата, Буш и Клинтон, како и останатите светски лидери, на смртта на Кол реагираше и американскиот претседател Доналд Трамп. Тој истакна дека Кол бил пријател и сојузник на САД.
Во соопштението издадено од Белата Куќа се наведува дека Кол не бил само „татко на повторното германско обединувае“, туку и адвокат на Европа и на трансатлантски односи. „Светот профитира од неговите визии “, истакна Трамп.
Кол почина во петокот утрината на 87-годишна возраст.