Од Доњецк кон Славјанск - воена област без фронт
21 април 2014Благо, но сиво априлско утро. Кратко по девет часот го напуштаме Доњецк. Одиме кон Славјанск, мало провинциско гратче на околу 110 километри на север. Таму се наоѓа неофицијалната централа на сепаратистичкото движење во источна Украина. И таму ги има т.н. „зелени“, како што народно се нарекуваат тешко вооружените мажи без ознаки.
Улични блокади за референдум
Асфалтираната улица, која е во добра состојба, води покрај оџаците на една хемиска фабрика од кои излегува чад и црните ораници во недоглед. По околу 20 минути патување доаѓа првата улична блокада. Две редици автомобилски гуми ги принудуваат автомобилите да возат цик-цак-курс. Се веат црно-црвено-сини знамиња на т.н. „Доњецка Народна Република“. Неколкумина млади мажи го насочуваат сообраќајот. Огнено оружје не гледаме. Само неколку молотови коктели стојат на дофат.
Колку повеќе се оддалечуваме од Доњецк, толку почести се ваквите блокади. Мажите кои стојат на барикадите изгледаат сѐ помизерно. Женевска декларација? „Тоа не нѐ интересира“, вели еден маж на почетокот на своите 40-ти, облечен во валкана маслиново-зелена маскирна јакна. Тој има темна боја на лицето и му недостасуваат неколку предни заби. „Ние остануваме“, вели тој и повлекува од цигарата. „Ние сакаме или независна Доњецка Република или приклучок кон Русија“. Референдум би требало да се одржи на почетокот на мај.
Овде, во источна Украина, има многу луѓе како овој маж. Доњецкиот басен или Донбас е регион богат со јаглед и уште од советски времиња е регион на работниците. Јагленокопи, огромни фабрики за челик и едноставни еднокатни куќи ја сочинуваат сликата долж улицата. Некои фасади очигледно не се варосани веќе 30 или 40 години. На нив се гледаат слики од советски работници со срп и чекан.
Страв од борбените авиони кои летаат ниско
По еденочасовно патување стигнуваме во Краматорск, град со околу 165.000 жители. На улиците висат големи плакати во боите на украинското знаме: сино и жолто. „Украина е обединета“ стои на нив. На еден постер некој исчкртал „лага“. Плоштадот во центарот на градот е празен. Неколку млади мајки се шетаат со своите деца покрај статуата на Ленин и хранат гулаби. „Јас сум за приклучување кон Русија“, вели Шења, која е на возраст од околу 20 години. Таа е медицинска сестра, но сѐ уште е дома со нејзиниот двегодишен син Кирил. Новата влада во Киев таа не ја прифаќа. „Тие на власт дојдоа со вооружен пуч“. Таа се жали од украинската војска, која тука презема мерки против сепаратистите. „Секојдневно многу ниско летаат борбени авиони и хеликоптери, син ми има страв од тоа“, негодува оваа млада жена. Денеска нема бука на небото. Владата во Киев најави дека за време на Велигденските празници ќе има примирје во борбата против сепаратистите. Шења бара референдум и би гласала за приклучување кон Русија. „Бидејќи Русија е побогата“, вели таа.
Неколкумина стојат на барикадите крај окупираната градска управа и на работите гледаат поинаку. Кога ќе се спомне „Русија“ Васил прави израз на лицето како некој, кој не сака да каже ништо погрешно. „Ние порадо ќе останеме во Украина, но сакаме поголема автономија“, вели 57-годишниот бравар. Исто така и Андриј, триесетгодишник и невработен, не сака припојување кон Русија. Двајцата меѓутоа велат дека не ја прифаќаат владата во Киев и сакаат референдум. Како тука би се прифатиле руски трпи? „Супер, нека дојдат“, вели една повозрасна жена со широка насмевка.
„Зелените“ со руски акцент
Руските трупи во источна Украина веќе се дојдени, тврди украинската влада во Киев. Москва го демантира тоа. Во градот Славјанск, оддалечен околу 15 километри од Краматорск, маскирани и тешко вооружени мажи во униформа без ознаки со недели ја имаат преземено контролата. Тие запоседнале повеќе згради, меѓу нив и градската управа. Многумина Украинци ги нарекуваат „зелени“, бидејќи тие и на украинскиот полуостров Крим, пред да биде анектиран од Русија, носеле зелени униформи.
Маскирните одела на мажите од Славјанск се разликуваат од оние на Крим, но некои се чини дека се навистина Руси. Тројца од нив застанаа пред новинарите и одржаа импровизирана прес-конференција. Тие биле поранешни членови на украинската војска, „и повеќе не можеле да гледаат, како Русите тука биле угнетувани“, вели еден маж со црна маска на лицето. Неговиот калашњиков го добил од украински падобранци, кои се разоружаа пред неколку денови.
Но, поради начинот на кој тој зборува, може да се претпостави дека тој е најверојатно Русин. Оти украински-рускиот и рускиот што се говори во Русија се разликуваат. Барикадите со вреќи песок пред запоседнатото градско собрание во Славјанск изгледаат многу попрофесионално отколку во Краматорск. А мажите се чини се подготвени долго да останат тука. „Остануваме до референдумот“, вели еден. Со авомобили пристигнува тешка муниција и храна. Еден цивил на влезот поставува метална мрежа. „За никој да не може да фрли граната“, појаснува тој.
Желба за подобар живот
На плоштадот пред управната зграда е мирно. Некои војници позајмиле скејтборди од младите и со нив се возат околу споменикот на Ленин. Родителите се шетаат со мали деца. Вооружените мажи очигледно не им пречат. „Немаме страв од нив“, вели една млада мајка. „Тие дојдоа за да ни помогнат“.
Слично може да се слушне и од младите момчиња, кои седат покрај една барикада. Дали со Украина или со Русија, ним им е сеедно. „Но, Русија е побогата земја“, заклучува трезвено еден маж. Затоа во Славјанск велат дека се за интеграција со соседот. „Всушност ние сакаме само подобар живот“, вели тој. Реченицата ја повторува повеќе пати. Се чини овде слично мислат многумина.