1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од перонот 17 директно во смрт

Фолкер Витинг
20 октомври 2016

Пред 75 години, нацистите започнаа да депортираат Евреи во логорите на смртта.

https://p.dw.com/p/2RSqe
Berlin
Фотографија: picture alliance/dpa/Arco Images/Schoenig

Хорст Зелбер го имаше подготвено говорот кој го одржа пред присутните на комеморацијата за одбележување на 75 годишнината од првите депортации. Зелбигер, кој сега има 88 години, лично се познавал со многу од луѓето кои биле испратени во смрт од перонот бр. 17. Меѓу нив имало многу негови роднини и блиски пријатели. Тој и неговите родители имале среќа. Не биле депортирани и преживеале.

Зелбигер неодамна патувал од Берлин до крајната дестинација на депортираните Евреи на исток: во полскиот град Лоѓ. „И тогаш на површината излегоа сите овие работи", објаснува Зелбигер во неговата мала кујна. „Не можам да поверувам со каква бруталност нацистите затворале и убивале сосема невини луѓе".

Во официјалните документи на нацистите, депортацијата еуфемистички е заведена како „релокација" или „евакуација“. Во реалноста, луѓето биле товарено во вагоните на германската државна железница и биле испраќани во смрт во гетата, во работните кампови или во концентрационите логори. На почетокот биле транспортирани во стари вагони, а потоа во коли за стока.

На 18 октомври 1941 година, од перонот бр. 17 на станицата Груневалд во Берлин, замина првиот воз за депортација. Во него биле 1089 деца, жени и мажи кои насила биле однесено во Лоѓ. До крајот, околу 50.000 Евреи од Берлин биле депортирани.

Денес, овој перон кој се наоѓа на самиот крај на главниот град е претворен во меморијално место. На ова место Хорст Зелбигер го одржа својот говор. „За мене, перонот бр. 17 е местото каде започна целото страдање. Ние децата бевме попаметни од возрасните. Ние уште во 1941 година знаевме дека Евреите беа уништувани како штетници“. Возрасните биле наведени да размислуваат поинаку, но Зелбигер, кој тогаш имал 13 години и неговите соученици, долго време го набљудувале насилното депортирање.

Deutschland Deportation von Juden Bahnhof Bielefeld
Илјадници берлински Евреи се однесени во смртФотографија: picture-alliance / akg-images

„Ние децата добро знаевме што се случува, долго пред возрасните..."

Хорст Зелбигер е роден во Берлин во 1928. година. Неговата мајка не била Еврејка, но на желба на неговиот татко тој бил воспитуван како посветен Евреин. Посетувал еврејско училиште се додека истото не било затворено. Од 1942. година морал да работи присилна работа, а во февруари 1943. бил уапсен. Тој и неговите родители едвај избегнале да не бидат депортирани во Аушвиц.

По војната, следеле годините во Источна Германија. Зелбигер сакал да помогне одново да се изгради земјата, но откако бил професионално дисквалификуван и му било одбиено членството во Партијата за социјалистичко единство на Германија, тој се преселил во западниот дел на земјата. Но, и таму се соочил со потешкотии откако видел дека „фашизмот на Западот е неуништлив".

Во 40-те години од неговиот живот, преполн со лузни на телото и душата, Зелбигер заминал во рана пензија. Откако поминал низ се, тој бил едноставно истоштен.

Deutschland Holocaust-Überlebender Horst Selbiger
Хорст ЗебигерФотографија: DW/V. Witting

Сведок на настаните

Многу години подоцна, Зелбигер се понудил да биде сведок од времето на нацистичката ера. Држел предавања и помогнал да се основа асоцијацијата за самопомош „Преживеани деца на Германија – Деца кои го преживеаа Холокаустот.

На прашањето, зошто толку многу се труди историјата да не биде заборавена, тој одговара: „61 лице со името Зелбигер беа депортирани и убиени. Меѓу нив беше мојата прва голема љубов. Сите овие луѓе ми довикуваат: раскажи ја нашата приказна!“.

Хорст Зелбигер има намера да го прави тоа што е можно подолго. Како што направи и со неговиот говор кој уште еднаш потсети на хоророт кој се случувал на перонот бр. 17 на 75 годишнината од првата депортација од Берлин.

На крајот од нашиот разговор тој изјави „Да можам да организирам средба со класот, би ја одржал на перонот бр. 17", на станицата Груневалд во Берлин од каде многумина од неговите соученици Евреи биле депортирани – однесени со сила од нацистите во сигурна смрт.