Одлив на мозоци од Бугарија и Романија
2 јануари 2017Нејзиниот нов живот започна во 2009 година- две години откако нејзината татковина се приклучи кон ЕУ. Тогаш, Елена Јоана Брајку се вработи како лекар во најголемата германска медицинска институција, берлинската Шарите болница.
„Имав добар животен стандард во Романија. Но ми беше важно да си докажам дека можам да напредувам и во далеку поквалитетен систем“, вели Брајку. Сега вели дека не би можела да замисли да се врати назад. „Не би можела да почнувам одново во романскиот здравствен систем. Во Германија мора многу повеќе да се работи, но исто така има и поголема можност да се напредува во системот“.
Ана Димитрова исто така се надеваше на подобри можности во кариерата кога се пресели во Германија пред 20 години. Денес, 40-годишната Бугарка е една од ретките топ-менаџерки во Бугарија со мигрантско потекло. „По падот на Берлинскиот ѕид ми беше јасно дека ќе студирам во странство“. Ја следела својата цел со „тешка работа и силна волја“, како што вели. И на крајот- се исплатело: студиите ги завршила како најдобра во генерацијата на Универзитетот во Нирнберг. Веднаш добила понуда за работа од Манесман- која подоцна стана Водафон- и сега е дел од раководството на компанијата.
Илјадници Бугари тргнаа на патот кој Димитрова го изоде. Според германската официјална статистика, повеќе од 225 илјади Бугари живееле во Германија во 2015 година, повеќето со високо образование. И додека германскиот пазар на труд профитира од нивното доаѓање, бугарскиот страда: Бугарската академија на науки проценува дека за 5 до 10 години, земјата ќе загуби 400 илјади квалификувани работници.
Најсилно погоден медицинскиот сектор
Романија, која се придружи на ЕУ од 2007 година, се соочува со слични проблеми. Иако обете држави профитираат од дознаките кои им се испраќаат на семејствата во татковината, недостатокот на квалификувана работна сила станува сѐ поголем проблем. Најсилно е погоден медицинскиот сектор. Околу 43 илјади фармацевти ја напуштија Романија од 2007 година, а околу 5 илјади медицински експерти работат само во Германија.
„Тука заработувам околу десет пати повеќе одошто би заработувал во Романија“, вели стоматологот Костас Ифандопол, кој пред три години дошол во Берлин, сонувајќи еден ден да отвори сопствена ординација.
„Тука можам да добијам поволни кредити за чија исплата ќе треба да работам 15 до 20 години, а не 40 години како во Романија“, вели тој.
Многу Бугари го изодеа истиот пат. Земјата која има околу 7 милиони жители, денес има само 28 илјади доктори. Пред седум години нивниот број беше 35 илјади. Она што за Бугарија и Романија е одлив на мозоци, за Германија во меѓувреме стана добредојден прилив на обучени кадри.
„Некои региони во Германија ќе немаа медицински персонал да не беа докторите кои доаѓаат од Источна Европа“, вели Џалид Сехули, директор на гинеколошкиот оддел во болницата Шарите во Берлин.
Според неодамна објавена студија на ОН, околу 3,4 милиони Романци работат во странство. Бугарија во последните децении драматично го губи населението. Се проценува дека најмалку еден милион емигрирале по падот на Железната завеса.
„Емиграцијата имаше многу негативен ефект врз бугарската економија, затоа што мнозинството емигранти беа високо квалификувани специјалисти“, вели Митко Василев, претседател на Германско-Бугарската комора за индустрија и трговија. Притоа, додава тој, германските инвеститори често се жалат од недостатокот на обучени работници во Бугарија.
Надеж дека ќе се вратат
Миграцијата, и не само на таа на медицинските експерти, ги преокупира Бугарија и Романија веќе подолго време: анкета на германската Фридрих Еберт фондација откри дека 43 проценти од Бугарите, и 40 отсто од Романците планираат да ја напуштат својата земја.
Надеж даваат приказните како таа на Тања Шнел: таа се врати во татковината откако успешно ги заврши студиите во Германија- а со себе го донесе и германскиот сопруг. Двајцата одлучиле да си изградат нов живот во најсиромашната држава на ЕУ. „Се вратив бидејќи ја сакам Бугарија. И затоа што сакав да започнам нешто позитивно тука“, вели Шнел.
Мајка на две деца, таа се посветила на еколошки проблеми- и не жали што се вратила: „Секако, ми недостасуваат библиотеките во Германија, велосипедските патеки, игралиштата и добриот здравствен систем. Но во истовреме чувствувам дека сум попотребна овде, дека можам да помогнам повеќе одошто во Германија- на пример кога се работи за заштитата на животната околина. Тоа ми дава сила“.