Одлука во Словенија во вториот круг
23 октомври 2017Сите прогнози велеа дека претседателот Борут Пахор ќе биде победник уште во првиот круг на вчера одржаните претседателски избори. Но, тоа не се случи. 53-годишниот Пахор мора да оди во втор круг, каде противкандидат му е градоначалникот на Камник, поранешен комичар и актер, Марјан Шарец.
Според Централната изборна комисија, Пахор вчера освоил околу 47% од гласовите, додека на контото на 39-годишниот Шарец, кој не припаѓа на ниту една партија, отишле 25% гласови.
„Скромен аплауз од два-тројца и едно тивко браво“, извести словенечката телевизија за расположението во изборниот штаб на Пахор, каде се очекуваше јасна победа уште во првиот круг. Шарец, пак, ги славеше изборните резултати. „Овој резултат е создаден од ништо“, изјави тој. Успех е самиот влез во вториот круг, оцени Шарец, кој тврди дека се кандидирал за да го разбие две и пол деценискиот политички спектар во земјата.
Одзивот на претседателскитеизбори беше нешто над 40%, односно најнизок од прогласувањето на независност на Словенија во 1991 година. Во Словенија претседателот има главно репрезентативна улога. Пахор на оваа функција е од 2012 година. Тој доби имиџ на „Инстаграм-претседател“. На оваа мрежа го следат повеќе од 40.000 луѓе.