Одлуката во Македонија наближува
3 мај 2017Оценувајќи дека одлучувачките моменти во борбата за власт во Македонија се близу, весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) наведува дека „двете страни играат на сѐ или ништо“ и дека „партиите веќе не се политички конкуренти, туку непријатели на живот и смрт“. Во текстот со наслов „Одлуката наближува“ се наведува дека е нејасно „како и кога пратениците би одржале седница“ и се додава:
„Тешко може да се претстави како би изгледало решение постигнато со преговори и компромиси, дотолку повеќе што ВМРО се чини нема желба уште еднаш да се согласи со посредство од страна на ЕУ и САД. Навистина, западните посредници веќе не се неутрални: тие бараат од раководството на ВМРО околу поранешниот премиер Груевски да се држи до демократските правила на игра. Тоа де факто значи: тие треба да си заминат од власт.“
ФАЦ потоа потсетува на резултатот од изборите во декември, неможноста на ВМРО-ДПМНЕ да обезбеди мнозинство за влада и одбивањето на претседателот Иванов да му го додели мандатот на Зоран Заев и покрај тоа што „тој зад себе има јасно мнозинство“, додека „ВМРО во парламентот сѐ до четвртокот, со кршење на сите правила, спречуваше мнозинството да избере претседател на парламентот“.
Весникот во подолгиот текст потсетува дека Груевски, кој кога стапил на премиерската функција важел за „либерален демократ“ врз кого почивале големи надежи, почнал да се развива во „авторитарен владетел“ по самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, кога приемот на Македонија во алијансата е спречен во последна минута поради ветото на Грција.
„Отприлика од 2010 година ВМРО почна постепено да ги става под своја контрола сите државни институции, да го политизира правосудството и да ги става под притисок успешните бизнисмени кои припаѓаа кон другиот табор“, пишува ФАЦ и додава дека во тоа време социјалдемократите „постојано без сфатлива причина го бојкотираа парламентот“:
„Обвинувањето на ВМРО дека опозицијата на тој начин сака да го сврти вниманието на јавноста од тоа дека не е во состојба да победи на избори, на почетокот изгледаше логично. Меѓутоа, во меѓувреме е познато дека владата на ВМРО во 2010 почнала во голем стил илегално да ги прислушува и пријателите и непријателите. Погодени се повеќе илјади политичари, новинари и дипломати. Откривањето на оваа афера од страна на Заев, во пролетта 2015 година, беше почеток на конфронтациите кои сега можеби влегуваат во завршна фаза. Заев тогаш објави снимки кои покажуваат како Груевски и луѓето од неговото најтесно опкружување ги кршеле законите. Поради тоа во 2015 и 2016 година имаше демонстрации кои траеја со недели и на кои се бараше оставка од Груевски. Ако ВМРО ја загуби власта, нему и на неговите послушници им се заканува затвор.“
Потсетувајќи дека предвремените избори во декември 2016 требаше да донесат смирување на ситуацијата и дека тоа не се случи, ФАЦ на крајот на текстот констатира:
„Поради губењето на власта кое се закануваше, ВМРО реагираше со националистичка кампања против албанското малцинство, кое претставува околу една четвртина од населението. Таа (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) секогаш имаше коалициски партнер од албанското малцинство и на почетокот на годинава се обиде да направи нова верзија на ваков сојуз, а сега ги обвинува социјалдемократите дека се согласиле со програма напишана во албанскиот главен град Тирана која имала за цел распрачување на Македонија. Затоа веќе два месеца таа успешно мобилизира илјадници демонстранти и иницираше 'патриотски здруженија' кои отворено се закануваат со насилство. Одбраната на власта од опозицијата во реториката на Груевски и неговите следбеници е исто што и одбрана на земјата“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.