1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Октоберфест - „органски“ колбаси и „био“-пиво

Рут Краузе/ К. Краљевска25 септември 2015

Шестнаесет дена на прекумерно забавување на најголемата народна фешта во светот не значи и екстремно загадување на околината. Октоберфест многу се грижи за зачувување на здрава животна средина.

https://p.dw.com/p/1Gar8
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Balk

Октоберфест во Минхен е забава на суперлативи: 170 „ролеркостери“ и други вратоломии, возила и рингишпили, гласна музика покрај штандовите за стрелање полни со пластични рози, шатори со големина на фудбалско игралиште пополнети до последното место. Покрај тоа, во текот на две недели се туркаат околу шест милиони лица во алкохолизирана состојба, кои ќе изедат половина милион пилиња и ќе испијат околу осум милиони литри пиво.
Може ли таква прекумерна веселба да помине без загадување на околината? Тешко, но, сепак е можно. Минхенскиот Октоберфест доби статус на „зелен“ настан од големи димензии, а во 1997 година доби „Оскар за заштита на околината“. Но, малкумина го знаат тоа.

Органска храна и еко-тоалет

Сѐ започнува од јадењето. Од печено пиле, свински коленици и печени колбаси до пржени бадеми и овошје во чоколадо, сето тоа на Октоберфест може да се добие и со органски квалитет.

Deutschland Oktoberfest in München 2015
Здрава храна на порцеланска чинијаФотографија: Reuters/M. Dalder

Угостителскиот објект Шихтл нуди, на пример, само органски одгледувано месо од фирмата Хермансдорфер, еден угледен рурален еколошки одгледувач од таа област. „Био-квалитетот кај месото е особено битен и затоа луѓето специјално доаѓаат кај нас“, вели Кони Берке, директор на овој угостителски објект.
Без оглед на тоа во кој шатор за пиво ќе влезе човек, ќе добие пиво со германски одредби за чистотата на пивото, кое не е направено од генетски модифицирани житни култури и кое се сервира во стаклени или порцелански кригли. Тоа е само по себе разбирливо за сите пиварници.
На Октоберфест не може да се најдат пивски лименки. Кога ќе се испие пивото се собираат криглите, се мијат и во нив повторно се точи пиво. А што се случува со водата со која се мијат садовите? Во пет од 14 големи пивски шатори таа не завршува во канализација, туку во резервоари за вода за чистење на шаторските тоалети.

Abfallhaufen auf dem Oktoberfest 2014
Зад масовните собири секогаш остануваат тони отпадФотографија: picture-alliance/dpa/S. Ribnitzky

Намалување на отпад за речиси 90 отсто

До големи промени дојде во 1991 година. Тогаш градот забрани употреба на чинии за еднократна употреба. Наместо хартиени чинии на масите дојдоа порцелански. Последица од тоа е дека количината на отпадот во шаторите се намали за речиси 90 отсто. Тогаш на Октоберфест останаа 8.100 тони отпад, а во 2014 година останаа 958 тони - што значи помалку од 200 грама по посетител на Октоберфест. „Со одделување на хартија од останатиот отпад, работите можат да се подобрат. Но, инаку ние сме задоволни“, вели Еви Тиерман од минхенското претпријатие за собирање на отпад АВМ.
Тиерман смета дека забраната за пластични чинии е добра одлука, бидејќи собирањето на пластичен отпад е потешка работа. Но, тоа ги радува и туристите, но поради сосема друга причина. Тие се радуваат на стаклените кригли. Многумина, иако во алкохолизирана состојба, успеваат да ги украдат. Кригла од Октоберфест е омилен сувенир.

И еколошки произведена струја

Угостителите или забавувачите кои сакаат да постават штанд мора да се претстават во градот. За таа цел е изработен каталог со 13 велосипеди. Еден од нив, во меѓувреме, е и за заштита на околината. Затоа секој угостител или забавувач настојува да се претстави во најдобро светло, вклучувајќи ја и заштитата на околината, бидејќи конкуренцијата за штандови на Октоберфест е голема.

Oktoberfest 2014
Струјата се добива на еколошки начинФотографија: picture-alliance/dpa/M. Müller

„Сакаме да ја заштитиме околината. Токму кај такви големи настани, кои трошат многу електрична енергија, произведуваат многу ѓубре и отпад, тоа го сметам за особено битно“, вели Ханс Шпиндлер, раководител на одделот за настани во градската администрација на Минхен. И патем, тој признава, дека тоа е добра промоција.
Од 2000 година сите јавни области на Октоберфест се снабдуваат со еко-струја. Повеќе од 60 отсто од угостителите и забавувачите го следеа тој пример и тие се приклучија на еко-струја. Таа, навистина, е малку поскапа, но тоа е битно со оглед на количината на струја која се троши за време на Октоберфест. За две недели се трошат три милиони киловати. Со таа струја можат да се снабдат околу 1.200 минхенски домаќинства во тек на една година.
На Терезиенвизе, област во која се одржува Октоберфест, може да се дојде и без струја и без емитување на штетни гасови. Повеќе од 200 рикши во градот стојат на располагање на посетителите. Рикши се троколки во кои покрај возачот има уште две места, а возењето зависи од мускулната сила на возачот.

München Oktoberfest - Rikschas
Со „рикша“ на ОктоберфестФотографија: picture-alliance/dpa/F. Leonhardt

Многумина тоа го прават несвесно

Посетителите на Октоберфест покажуваат мал интерес околу напорите за заштита на околината, признава Шпиндлер. „Повеќето посетители не внимаваат на тоа, за нив ова е народна веселба и место на кое можат да се забавуваат. Во прв план се животната радост и задоволството“, вели Шпиндлер. Затоа ниту угостителите, ниту забавувачите не говорат на сите ѕвона за својот ангажман за заштита на околината.
Но, интересот на гостите и не е пресуден. Бидејќи, ако посетителите сепак своето органско и печено пиле го јадат во порцелански чинии, користат апарати на еко-струја и до дома се возат во рикша, тогаш не се само тие среќни, туку и околината.