Олимписки или воени игри?!
4 февруари 2022Во античко време било правило - додека се одржуваат Олимписките игри, да владее примирје и прекин на сите јавни или приватни непријателства и војни.
Современите олимписки игри, барем онака како што биле замислени од основачот на Меѓународниот олимписки комитет, Пјер де Кубертен, требало да го воскреснат античкиот олимписки дух и да го трансформираат сфаќањето за спортот како меѓународен инструмент за промоција на мирот и разбирањето меѓу народите.
Зимските олимписки игри кои денес се отвораат во Пекинг се во комплетна сенка на потенцијалните воени конфликти, особено фокусирани на кризата помеѓу Русија и Украина, односно, Русија и Западот.
Едни Зимски игри отворени во присуство на Владимир Путин веќе се поклопија со тензиите во Украина. Во 2014 година Русија беше домаќин на Игрите во Сочи во истиот момент кога протестантите од Киев го соборија прорускиот претседател Јанукович. Еден месец подоцна Москва ќе го анектира Крим.
Сигурно и Кинезите долго време се прашуваа дали Путин ќе ги упропасти и нивните Зимски игри? Веројатно се потсетиле на 8 август 2008 година, денот на отварањето на Летните олимписки игри во Пекинг и денот кога започна војната помеѓу Русија и Грузија. Но, разликата е што овојпат Кинезите имаат далеку подлабоки врски со Москва, што со време упатија пораки на пријателство и потсетување за постоечките бизнис и политички релации, замолувајќи го Путин да не им приредува непријатни изненадувања.
Напротив, овојпат, среде кризата во Украина, Путин е почесниот гостин на отворањето на Игрите во Пекинг. Посета која има огромна политичка важност и позадина, нешто што и самиот Путин не пропушти да го нагласи пред кинеските медиуми: „Со претседателот Ши Џипинг се познаваме долги години, како добри пријатели и политичари кои имаат во најголем дел исти погледи околу соочувањето со светските проблеми. Одржуваме блиски и чести врски“.
Посетата на Путин е смислена да ја потврди и нагласи новопронајдената блискост помеѓу Кина и Русија, во истиот момент додека Москва се „рва“ со Западот, а Западот во најголем дел одлучи да ги бојкотира Игрите во Пекинг.Покрај Путин, во Пекинг ќе бидеме сведоци на еден мини самит на светските автократи - од египетскиот претседател Ал Сиси, саудискиот принц Бин Салман, казахстанскиот лидер Токаев, катарскиот емир Ал Тани, пакистанскиот премиер Имран Кан, до европските авторитарни шампиони, како полскиот претседател Дуда и српскиот Вучиќ. Сите овие актери се важни светски или регионални карики со кои Пекинг веќе длабоко соработува. Но, ѕвездата на отворањето останува Путин. Посетата ќе биде можност за прв тет-а-тет помеѓу двајцата лидери после неколку месеци, и настрана насмевките за камерите, средбата има огромно геополитичко значење, што поради кризата во Украина, што поради потпишувањето на важни договори, особено што се однесува до кинеското купување на руски гас. Заедно со Путин ќе допатува и министерот за енергија, како и првиот човек на гигантот Роснефт.
Од олимписки до воени игри
Сепак, краток е патот од Олимписки игри до воени игри. Русија веќе одговара на потезите на САД и НАТО со развивање на поголема блискост со Кина, нешто што стратезите во Вашингтон сакаат по секоја цена да го избегнат, особено во момент кога почнуваат една нова Студена војна со Пекинг. Москва и Пекинг веќе организираа заеднички воени вежби, што поморски, што во насока за следење на западните бомбардери со долг домет.
Што се однесува до Украина, Кина нема никаква директна улога, но сепак игра некаква улога. Путин најверојатно нема да започне никаква инвазија за време на Игрите, но тие траат до 20 февруари, во исто време кога завршуваат Руско-белоруските воени вежби и кога Русија ќе ја има опколено Украина од три страни. Воедно, 14 февруари не е важен само како Ден на вљубените, туку на тој ден руската Дума ќе го разгледува предлогот до Путин за признавање на независноста на двете автопрокламирани украински републики - Народна Република Доњецк и Народна Република Луганск. Чекор, кој, доколку биде прифатен од Путин, би претставувал досега невиден стадиум на тензии во конфликтот околу украинската криза.
Воедно, тука некаде прострујува и тезата дека Кина со внимание го следи одговорот на САД и Европа околу Украина, со цел да добие подобра проценка што би се случило ако воено тргне против Тајван. Не случајно, во последните 6 месеци Пекинг изведе најголем број на упади со воени авиони во зоната за воздушна одбрана на Тајпеј.
Но, Кина не размислува само воено, напротив - Олимписките игри во екот на кинеската Нова година се всушност огромна шанса за Пекинг да ја тестира ефикасноста на својата мека моќ и влијание низ светот. Кина ќе се обиде да извлече максимален геополитички и пропагандистички профит од фактот дека Пекинг е првиот град кој организирал Летни и Зимски олимписки игри.
Здравствениот предизвик
Првиот предизвик е здравствен. Кинеската номенклатура сака да му покаже на светот дека ефикасно се соочува со пандемијата, додека остатокот од светот (пред сѐ САД), се мачат со надминување на болеста.
Идејата е во исто време да покажат дека со драстични и авторитарни мерки, како и преку нови форми на контрола врз општеството, може успешно да се владее.
Желбата за престиж
Вториот аспект е врзан за самиот престиж. Две олимпијади во еден град, каде натпреварите се поделени во поширокиот метрополитенски регион „Џинг-Џин-Џи“, исто така познат како Пекинг-Тианџин-Хебеи, претставуваат и успех за триполарниот урбанистички проект кој обединува 130 милиони жители и кој беше визија и желба на претседателот Џипинг.
Единствен проблем е што немаат доволно снег, па така оваа Олимпијада ќе биде првата со 100% вештачки снег.
Иднината на кинескиот лидер
Третиот предизвик се однесува на геополитичката важност поврзана со спортските успеси. За големите светски сили спортската победа претставува демонстрација на сила, ја нагласува здравата форма во која се наоѓа нацијата. Тоа за Кина е особено важно поради дуелот со САД околу Тајван. Кина воедно страда од историски демографски пад, растечка дебелина на популацијата и сѐ поголема психо-физичка слабост кај младината. Кина масовно инвестира во спортот со цел да ја одржи и задржи својата демографска супериорност во однос на другите светски сили, но и со цел да ја зголеми вирилноста меѓу машката популација. Спортот во големите држави е најтесно поврзан со војската, и Кина тој аспект не го заборава.
Воедно, овие Олимписки игри ќе ја означат иднината на кинескиот лидер, исто како што Олимписките од 2008 година, како потпретседател и назначен супервизор за Игрите, го лансираа Џипинг во пантеонот на комунистичката номенклатура. Ако и овие Игри поминат добро, тогаш на следниот Конгрес оваа есен патот ќе биде отворен за негов трет мандат, нешто што се нема случено после Мао. Ши има една мисија за разлика од 2008-та - кога на светот требаше да ѝ се претстави напредокот на Кина - а тоа е дека Кина со Џипинг веќе нема што да докажува.
- повеќе од авторот: Македонија влезе во психолошката војна на САД и НАТО против Русија
Дуелот со Америка
Четвртиот предизвик е најголемиот – дуелот со Америка. Кина свесно ќе ги искористи Игрите за да ја покаже новата блискост со Русија и да ја стави Америка пред дилемата дека мора во исто време да се соочи и со Украина и со Тајван, да ја спасува и Европа и Азија. Пекинг планира да профитира и од новата соработка со земјите од централна Азија, пред сѐ Казахстан и Пакистан, како и да ја приклучи Аргентина кон својот проект „Појас и пат“.
- повеќе од авторот: Преговори Запад-Русија: Путин бара нова Јалта
Сѐ на сѐ, овие Олимипски игри се во огромна сенка на воените, политичките и геополитичките игри меѓу големите сили, помеѓу Истокот и Западот. Кина се натпреварува да ја егзалтира својата мека моќ и влијание низ светот, Русија се „такмичи“ за својот геополитички витален простор и враќање на сферите на влијание, а Америка се бори за првото место на подиумот како и понатаму главен светски хегемон, способен да ги придуши и поништи руските барања, додека во исто време ја расипува медиумската и пропагандистичка слика на успешна и просперитетна Кина од Олимписките игри.
Let the games begin!