Олимпијадата без публика е добра одлука
8 јули 2021„Немавме друг избор“, вели Сеико Хашимото, шефицата на Организацискиот комитет откако беше донесен одлука да не се дозволи публика на Олимписките игри во Токио. До последен момент, организаторите на Игрите се надеваа дека ќе успеат да го спроведат планот со кој ќе се дозволеше присуство на до 10 илјади домашни навивачи на секој настан, за барем малку да се задржи олимпискиот сјај. Уште од претходно беше јасно дека присуството на странските гости ќе биде забрането. Со тоа, за првпат во историјата, олимписките трибини ќе останат празни. И самото тоа го прави овој настан историски: Корона-Игрите во Токио.
Тоа што организацискиот комитет не можеше поинаку освен, во договор со јапонската влада и со Меѓународниот олимписки комитет, да ја спушти завесата, се должи на фактите и расположението. Веќе три недели постојано расте бројот на новозаразени. Како и во многу други земји во светот и во Јапонија, виновна за тоа е Делта варијантата на коронавирусот. Притоа, кон сериозната ситуација во земјата се надоврзува и критичкиот став кон организирањето на Игрите. Многу луѓе во Јапонија стравуваат дека овие Игри можат да станат супер-распространувач на вирусот.
Вирусот како сувенир
Загриженоста е разбирлива. Одржувањето на најголемиот спортски настан во светот во време на пандемија не одат едно со друго. Повеќе од 11.000 спортистки и спортисти, како и илјадници службеници, функционери и новинари од целиот свет се очекуваат во Токио. Веројатноста дека барем дел од нив го носат вирусот во багажот е речиси 100%, исто како и веројатноста дека многу од нив би можеле да го вратат вирусот во своите земји како „сувенир“.
Ќе беше уште подоследно доколку Игрите целосно се откажеа, но таквата одлука беше невозможна на само две недели пред спортистите да истрчаат на терените. Со затворањето на настанот за публика, организаторите во секој случај покажаа голема одговорност- наспроти организаторите на Европското фудбалско првенство. УЕФА ќе мора да ја прифати одговорноста дека, со одлуката да дозволи публика на стадионите, придонесе кон натамошно ширење на вирусот- а со тоа и свесно да предизвика смрт на некои луѓе.