Омикрон ги „замрси конците“ пред второто полугодие
31 јануари 2022Пред почетокот на второто полугодие и враќањето на учениците во училишните клупи со маски и под строги здравствени протоколи, во јавноста сѐ уште постојат дилеми дали децата треба да учат онлајн или со физичко присуство во екот на најновиот бран на пандемијата предизвикан од сојот Омикрон. Овој вирус сѐ почесто ги напаѓа младите, кои се и невакцинирани против Ковид-19, што ја зголемува загриженоста на родителите и здруженијата за заштита на детските права. Министерот за здравство, Беким Сали, денеска изјави дека засега нема потреба од нови мерки, со оглед на тоа дека има благо покачување на бројот на заразени. Тој вели дека се следи епидемиолошката ситуација и најавува дека идната недела треба да започне скринингот на учениците по случаен избор. Доколку се појави ширење на вирусот во одреден регион, ќе бидат преземени соодветни мерки.
Скринингот ќе се одвива преку Центрите за јавно здравје, а одлука за ова прашање треба да се донесе на утрешната седница на Комисијата за заштита од заразни болести. Микробиологот, Никола Пановски, пак, во повеќе наврати предложи распустот да се продолжи за две недели или десетина дена, или наставата да се одвива онлајн, додека не се намали бројот на новозаразени лица. Докторот Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, предлага разумен училишен компромис.
Можен ли е разумен компромис?
Овие денови најактуелна тема е почетокот на второто полугодие во училиштата. Ставовите варираат од комплетна либерализација со неносење маска, до комплетна oнлајн настава до создавање на поволни услови.
„Аргументите на сите инволвирани и спротивставени страни звучат разумно и издржано. Каде е тогаш излезот? Дали е можен разумен компромис и како би изгледал?, прашува Беќаровски.
Според него, сите ученици кои сакаат да посетуваат настава во живо, утре треба да се вратат во училишните клупи, а останатите (позитивните и тие кои се плашат од зараза) истата да ја следат онлајн, а да присуствуваат физички при тестирање и оценување. За сите наставници и ученици со симптоми да биде обезбедено тестирање секој понеделник, а на сите позитивни наставници кои ќе бидат со општа добра здравствена состојба, да им се дозволи држење на наставата од домовите, без да им се одзема процентот за боледување.
„Училниците да се проветруваат 5 минути по секој завршен час, а никако во текот на самиот час. Пред почеток на наставата, за време на големиот одмор и по часовите задолжителна дезинфекција на сите простории. Одлуката за носење маски на секое дете до петто одделение да ја донесат неговите родители, со писмена изјава“, предлага докторот.
Барања за онлајн настава
Владата донесе одлука второто полугодие од учебната година да почне на 1 февруари со физичко присуство. Одлуката важи за сите ученици од основните и средните училишта во земјата. Одлука е донесена врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ, а Владата повикува на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство.
На одлуката за следење настава со физичко присуство реагираше неформалното здружение „Поддршка за онлајн настава“, кое ја повика Комисијата да даде препорака за следење на наставата од дома. Барање за укинување на задолжителното носење маски во училиштата, достави и Иницијативата „СТОП за носењето маски во училиштата“, која дури најави дека нивните членови нема да ги пуштаат децата на настава во второто полугодие со маски.
Со слични барања излегоа и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, како и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. СОНК смета дека во ситуација кога расте бројот на новозаболени треба да се започне со онлајн настава во првите две недели, а потоа да се согледа епидемиолошката ситуација за да се почне со физичко присуство.
Според „Меѓаши“, пак, бројот на заболени деца што се јавиле во Институтот за белодробни заболувања во периодот од крајот на декември 2021 и почетокот на втората половина на јануари е двојно зголемен од вообичаениот број за време на најголемите пикови во претходните бранови. Со оглед на ваквата состојба, неопходно да се размисли дали започнувањето на наставата со физичко присуство е најсоодветниот начин на продолжување на наставата или е подобро да се започне барем две седмици подоцна или онлајн.
Министерот за здравство, Беким Сали, деновиве порача дека епидемиолошката состојба дозволува настава со физичко присуство. Тој најави дека Министерството за здравство ќе спроведе скрининг меѓу учениците по случаен избор и доколку се појави ширење на вирусот во одреден регион, ќе бидат преземени соодветни мерки.
Докторот Никола Пановски во повеќе наврати укажа дека учениците треба редовно да ги мијат рацете, да се носат заштитните маски, а прозорците само повремено да се отвораат, бидејќи од долготрајно седење со отворен прозор ќе произлезат многу настинки. Тој смета дека државата треба да обезбеди бесплатни брзи тестови за учениците кои ќе појават симптоми, а родителите да не пуштаат на настава болни деца.