Омикрон го пролонгираше зимскиот распуст
18 јануари 2022Македонската Влада донесе одлука почетокот на второто полугодие на учебната година за основните и средните училишта да се одложи. Наставата со физичко присуство, место на 20 јануари, ќе продолжи на 1 февруари, по препорака на Главниот координативен кризен штаб за справување со пандемијата и согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата.
Одлуката се носи откако почна да расте бројот на заразени, особено меѓу помладата популација, со новиот сој Омикрон.
Како што соопштија од Владата, одлуката нема да влијае на крајот на учебната година и со адаптација на наставните планови таа ќе заврши на 10 јуни како што е и предвидено во календарот за наставна програма.
Владата ги задолжила и министерствата за здравство и за образование и наука, како и секторот за односи со јавноста и јавниот сервис МРТ да укажуваат и упатуваат апели до учениците и родители максимално да се придржуваат до препораките за заштита од Ковид-19.