1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

ОН: Осуда на севернокорејскиот ракетен тест

ЖА
16 мај 2017

Советот за безбедност на ОН го предупреди раководството во Пјонгјанг да престане со ракетни и атомски тестови, во спротивно се закани со дополнителни санкции против меѓународно изолираната земја.

https://p.dw.com/p/2d1kM
USA UN Sicherheitsrat
Фотографија: picture alliance/dpa/L. R. Lima

Според Советот за безбедност на ОН, ракетните тестови кои ги врши Северна Кореја, се во функција на развој на нуклеарно оружје, поради што предизвикуваат зголемена загриженост и заострени тензии. Францускиот амбасадор во ОН Франсоа Делатре изјави дека Советот за безбедност мора да покаже „силна, итна и решителна реакција“. Денеска во ова тело ќе се вршат советувања на тема севернокорејски тестови. Се очекува да се дискутира и околу уште построги санкции против Пјонгјанг.

Северна Кореја соопшти дека во неделата успешно лансирала нов тип балистички проектил, за кој тврди оти може да носи нуклеарна боева глава, „нова ракета земја-земја со среден дострел".

Властодржецот Ким Јонг Ун ги предупреди САД да не ја занемарат или погрешно да ја проценат реалноста оти нивната територија и пацифичките операции се во дострелот на ракетата. Проектилот „Хвасонг-12" летал 787 километри и достигнал височина од 2.100 километри и според планираното паднал во Јапонското Море. Лансирањето на ракетата претставува прекршување на резолуциите на ОН, кои тоа го забрануваат.

Ракетниот тест се смета не само за демонстрација на сила во однос на САД, туку и за директен предизвик кон новата влада во Јужна Кореја.Ситуацијата во регионот, по двата атомски и бројните ракетни тестови на Северна Кореја од лани досега, е исклучително напната. Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати се закани со еднострана интервенција на САД во атомскиот спор со Пјонгјанг, не исклучувајќи воена опција.