1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН: Се‘ повеќе Украинци бегаат во Русија

ЕМФ/дпа/ард5 август 2014

Поради борбите во источна Украина, се‘ повеќе луѓе ја напуштаат татковината и бегаат во Русија. Тоа го покажуваат руските податоци доставени до ОН.

https://p.dw.com/p/1Cp63
Фотографија: Andrey Kronberg/AFP/Getty Images

Од почетокот на годинава бројот на Украинци кои поради борбите во источниот дел на земјата побарале засолниште во Русија се зголемил на 730.000, тврдат руските власти. Околу 80 проценти од нив се наоѓаат во пограничниот регион, додека останатите се сместени кај роднини или пријатели во внатрешноста на Русија. Ваквие податоци се доставени до Високиот комесаријат за бегалци на ОН.

Освен тоа, во рамките на Украина, во бегство се уште 117.000 луѓе, изјави денеска (5.08) директорот на УНХЦР за Европа Винсент Шошетел во Женева.

Кај руските власти како бегалци досега се регистрирани 168.000 Украинци, но најголемиот дел од бегалците престојува во Русија без притоа да побараат статус на бегалци.

Високиот комесаријат за бегалци на ОН нема начин да ги провери ваквите наводи на руските власти. „Немаме помагачи таму, туку само пружаме техничка поддршка“, изјави за германската агенција ДПА неименуван портпарол на УНХЦР.

Проруските сепаратисти и украинската армија со месеци водат тешки борби на истокот на Украина. Цели градови, како што е во меѓувреме од страна на армијата повторно освоениот Славјанск, во време на борбите беа речиси без население. Многу етнички Руси во Украина, освен тоа, стравуваат од можни репресалии од страна на владата во Киев.

Ukraine Donezk 05.08.2014
ДоњецкФотографија: picture-alliance/AP Photo

Армијата има намера да ги изолира Луганск и Доњецк

Во меѓувреме, украинската армија, според сопствени наводи, се подготвува за повторно заземање на Доњецк и Луганск. Портпарол на армијата во Киев изјави дека војниците навлегуваат во периферните населби на двата големи града. Во Луганск, во меѓувреме, без вода и струја се околу 250.000 луѓе, соопштија властите. Во Доњецк, како што се вели, се‘ поголем број луѓе го следат итниот апел на украинската армија за напуштање на градот. Набљудувачите не исклучуваат можно бомбардирање.

Стратегијата на раководството во Киев е да ги изолира сепаратистите во Доњецк се‘ додека тие не ги потрошат своите залихи. Освен тоа, тие треба да бидат и отсечени од руската граница.