1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасен премин преку „Мафидонија“

Б. Георгиевски/бц19 август 2015

Под овој наслов, весникот „Берлинер цајтунг“ донесува опширна репортажа за маките на бегалците кои преку Балканот се обидуваат да стигнат до Западна Европа. И „Скопје 2014“ во фокусот

https://p.dw.com/p/1GHpH
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„Берлинер цајтунг“ денеска донесува два наслови во кои од повеќе аспекти се анализира состојбата во Македонија. Авторот Норберт Мапес-Нидик, во текстот под наслов „Опасен транзит низ 'Мафидонија'“ пишува за опасностите кои ги демнат илјадниците бегалци минувајќи низ Македонија.

„Бегалците ја нарекуваат малата земја, низ кој мораат да минат на патот кон западна Европа, 'Мафидонија'. Досега не знаеја ништо за оваа земја. Цели 170 автокилометри е патот меѓу грчкото погранично место Евзони и Табановце на границата со Србија. Етапата низ Македонија важи за најопасна на патот меѓу Турција и Австрија.

(...) Меѓу две и три илјади бегалци, пред сѐ од Сирија и Авганистан, но и од Сомалија, според проценките, дневно ја минуваат границата кон Македонија. На прием во пограничниот град Гевгелија наидуваат од група шверцери со луѓе, криминалци од целиот свет. Се нудат такси, велосипеди, места во воз, како и совети за патување пеш, за оние без пара во џебот.

Зад понудите често се кријат измами и грабежи. Еден Ирачанец од Мосул раскажува дека со група сонародници му поверувале на некој Суданец кој им понудил превоз со камион до Србија. Човекот, вооружен со калашников, им земал сѐ што имале, а потоа ги уценувал да бараат од роднините да им испратат пари преку 'Вестерн јунион'. Биле ослободени дури по една недела.

(...) Бегалците се почесто раскажуваат дека на автопатот (низ Македонија, з.н.) возачите застануваат и им даваат храна или пијалоци. За разлика од трговците со луѓе и од полицијата, македонските граѓани се солидарни со бегалците.

(...) Во Брисел однесување на балканските земји наидува на критика. Комесарот за внатрешни работи Димитрис Аврамопулос смета дека дел од нив не прават доволно за да ја доведат состојбата под контрола. 'Овие земји, кои сакаат во ЕУ, мораат да разберат дека се дел од проблемот“, вели Аврамопулос. 'Тие треба да ни помогнат да се справиме со миграцијата'. Во исто време, Брисел на унгарската влада, која гради ограда во должина од 175 километри на својата граница, и одобри помош од 8 милиони евра“, пишува „Берлинер цајтунг“ во репортажата.

Нескромни имитации во Скопје

Во истиот весник пренесена е и репортажата на агенцијата ДПА на тема „Скопје 2014“.

Mazedonien Skopje Archäologisches Museum
Зградата на Археолошкиот музеј во СкопјеФотографија: picture-alliance/dpa/Georgi Licovski

„Може ли некој да ја пронајде на карта малата Македонија? Скопје, главниот град на оваа сиромашна балканска држава со два милиони жители, нескромно ги имитира големите градови како Париз и Рим. Некогаш трошниот центар од пред пет години е изменет од корен. Во изминатите години изградени се помпезни згради во неокласичен стил како и десетици споменици и мостови.

'Изградивме омаж за сите наши предци', вели архитектонската ѕвезда Вангел Божиновски објаснувајќи ја целта на зградите кои привлекоа и меѓународно внимание. 'Ние имаме историја од 8 илјади години, која тука ја покажуваме'. Таквиот став е во остра противречност со домашната и странската историска наука.(...)

(...) Странските архитектонски критичари одмавнуваат со главите и зборуваат за 'кич' и „дизниленд'. Според економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, член на анти-владината организација Солидарност, во владиниот проект гледа само обид на конзервативната влада и на засилено авторитарниот Никола Груевски, за поттикнување на национализмот во 24-години независната држава. Но, само за словенското мнозинство. Затоа што албанското малцинство- кое според податоците достигнува речиси една третина од населението- со тоа не сака ништо да има.

'Тоа е националистички градежен проект против албанското малцинство“, критикува историчарот и експерт за Македонија од Универзитетот во Регенсбург, Улф Брунбауер.

(...) Критичарите на етноцентричниот проект сметаат дека сиромашната земја можела многу подобро да ги инвестира парите. Трошоците, од првично предвидените 80 милиони евра во 2010 година, денес, според проценките, достигнаа меѓу 500 и 600 милиони евра. Овие трошоци како и планот за градба, а за мотивите и да не зборуваме, остануваат и натаму врвна тајна за национал-конзервативната влада.