1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасни „мини“ на релација СЈО - Суд

Катерина Блажевска30 март 2016

Вистинска драма синоќа се случувала на релација СЈО - Суд - МВР, во потрагата по осомничено лице вработено во УБК. Детали за случајот од Специјалното обвинителство најавија за денеска.

https://p.dw.com/p/1ILg5
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Измина долга и тешка ноќ за работата на Специјалното обвинителство. За денеска од таму се најавени детали по прашањето - кој и зошто го одбил барањето на СЈО за претрес, лишување од слобода и мерка притвор за лице вработено во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК)? И кој му дојавил на осомничениот дека СЈО во рамките на мандатот побарало од полицијата да обезбеди негово присуство во период од 24 часа за да изврши распит, по што тој станал недостапен за органите на прогонот?

Веста дека СЈО трага по лице вработено во УБК, доцна синоќа предизвика големо внимание во домашната јавност, особено по неофицијалните информации објавени од медиумите, дека станува збор за лицето Горан Груевски, началник на Петтата управа во МВР, кој важи за „десна рака“ и лице од голема доверба на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. На 10 февруари минатата година, СДСМ поднесе кривични пријави против директорот на УБК, Сашо Мијалков, началникот на Петтата управа, Горан Груевски и против НН лица, поради незаконско прислушување на повеќе од 20.000 лица. Дел од незаконски следените комуникации на прес-конференции беа јавно презентирани како т.н. опозициски „бомби“, под наслов „Вистината за Македонија“. Наскоро потоа, Јавното обвинителство соопшти дека Мијалков и Груевски бил испитани во врска со прислушкувањето. Овој и други предмети поврзани со незаконското следење на комуникациите, по формирањето на СЈО преминаа во негова надлежност.

Бермудски триаголник

Според неофицијални информации, синоќа се случувала вистинска драма на релација СЈО - Суд - МВР. СЈО од судија на претходна постапка побарало да издаде наредба за претрес во домот на осомничениот. Наводно, тоа било одбиено. Бидејќи за осомниченото лице постоеле безбедносни причини поради кои требало да биде обезбедено негово присуство, СЈО побарало мерка притвор, која исто така била одбиена. Потоа СЈО побарало од полицијата да го пронајде лицето за да биде испрашано. Полицијата не го нашла во неговиот дом, а до доцна ноќеска флуктуираше информацијата дека осомничениот сѐ уште не е лоциран.

Symbolbild Polizei Mazedonien
Полицијата не го нашла лицето по кое трага СЈОФотографија: MIA

Се претвора ли во бермудски, триаголникот СЈО - Суд - МВР, поради опструкции и блокади од структури кои имаат интерес да го оневозможат ефектуирањето на правдата? Адвокатот Драган Малиновски стравува дека институционалниот систем е пред распаѓање и дека проблемот веќе ги надминува рамките на правното.

„Освен во ретки исклучоци, досега не се случило барање на редовното обвинителство да не биде прифатено од страна на судот. Но, сега е повеќе од очигледно е дека имаме институционален судир. Системот драматично се распаѓа. Проблемот веќе не е само правен и ги надминува рамките и на Специјалното обвинителство, и на редовното обвинителство и на судот. Се работи за жесток политички судир во рамките на правосудството, кој толку драматично ескалира, што институциите тој процес веќе не можат да го издржат“, со загриженост констатира Малиновски.

Во безбедносни кругови се зголемува стравувањето од можност за „блиски контакти“ или од „играње на пиштоли“ во МВР, односно од „директни пресметки иницирани од лица кои ќе се обидуваат по секоја цена да ги задржат лостовите на моќта, кои им гарантираат заштита од евентуални кривични санкции“.

Целта ги оправдува средствата“

Во ваква ситуација, извесно е дека најтешките денови во работата на СЈО допрва доаѓаат, иако претходните никако не можат да се оквалификуваат како лесни. Напротив, новата институција во континуитет е мета на напади и опструкции од страна на власта.

Според аналитичарот Арсим Зеколи, досега гледавме типичен пример на манипулативен судир помеѓу политиката и институциите.

„Политиката сака да ги сврти судирот наопаку, претставувајќи се себеси како институција, а сака СЈО да го претстави како 'политика'. Во практична смисла, ова теоретско објаснување подразбира дека ВМРО, ДУИ и ДПА стравуваат дека СЈО е веќе прифатено од јавноста како институција во која граѓаните веруваат, со што се подрива нивната доминација преку формулата 'кадија те тужи, кадија ти суди'. Нивната контрола на општеството со награди преку привилегии, и со казнување преку санкции, сериозно е нарушена со појавата на СЈО кое се обидува тие два лостa да ги врати во институционални рамки и во служба на правата на граѓаните, наместо на привилегиите и профитите на ВМРО, ДУИ, ДПА“, оценува Зеколи.

Поради сѐ поголемата недоверба и сомнеж на странските партнери во службените податоци на оваа власт, Зеколи смета дека кај власта тлее нелагода од можноста СЈО да стане референтна точка за комуникација и институција од доверба за меѓународната заедница. Но, оценува и дека популарноста на СЈО содржи доза на политички импакт, бидејќи на своевиден начин таа од граѓаните е прифатена како политички неоптоварена од тешките партиски багажи што ги имаат четирите партии.

„Ерупцијата и восхитеноста на граѓаните со настапите на обвинителките, е своевидна потврда дека најдобрите, најкадарните и најспособните млади луѓе сепак ниту припаѓаат, ниту се наоѓаат себеси ниту во владејачките, ниту во клановски структуираните опозициски партии. И тоа го сметам за многу битен момент, посебно за младите кои би можеле да се охрабрат од овие примери“, констатира Зеколи.


Mazedonien Amtsgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Тој прогнозира дека нападите врз СЈО допрва ќе добијат на жестина и безобѕирност, според принципот 'целта за одржување на власт ги оправдува сите средства' - системска саботажа преку Собранието, Уставниот Суд, Владата, но и преку медиумска сатанизација од страна на провладините медиуми.

„Опозицијата и граѓанскиот сектор сега треба да се фокусираат на давање поддршка на СЈО преку притисок врз системот. Додека пак довербата на граѓаните во работата на СЈО е сосема во доменот на Катица Јанева и нејзиниот тим. Токму затоа СЈО мора час поскоро да преземе чекори и кон лица од други политички кампуси, со што ќе ја амортизира, иако нема да ја неутрализира нечесната кампања за нивно претставување како 'опозициска играчка'. Во крајна линија, за разлика од традиционалната шема на опозициските делувања за смена на власта, но не и на начинот за нејзино практицирање, појавата на СЈО се смета како удар врз злоупотребата на власта со цел на враќање на административната и политичка одговорност на Владата пред граѓаните“, укажува Зеколи.

Од СЈО денеска се очекуваат одговори дали и кој врши удар врз процедурите кои треба да овозможат негово ефективно постапување во истрагите. Бараното лице од УБК засега се сомничи за неколку дела во врска со скандалот со прислушувањето, односно со опремата за прислушување. Но, јавноста очекува одговор дали има осомничени и за попречување на правдата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема