1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Опел“ ја затвора фабриката во белгискиот град Антверпен

22 јануари 2010

Започнува санацијата во автопроизводителот со седиште во германскиот град Риселсхајм. Прва жртва е фабриката во белгискиот град Антверпен. Ова го соопшти Ник Рајли првиот човек на загрозената компанија.

https://p.dw.com/p/Ld85
Фотографија: AP

За околу 2.500 вработени во фабриката на „Опел“ во Антверпен се потврди најлошото. Веќе на крајот на јуни годинава нивната фабрика ќе биде затворена. Меѓутоа лошата вест не беше и неочекувана. Имено веќе подолго време „Џенерал моторс“ американската компанија сопственик на „Опел“ ја проверуваше рентабилноста на белгиската фабрика каде што се произведува моделот „Астра“.

„Џенерал моторс“ во рамките на програмата за санација на „Опел“ планира да укине вкупно 8.300 работни места во Европа, од кои 4.000 во Германија. Претпријатието во Европа вработува околу 48 илјади лица.

Намалување на капацитетите за една петина

Opel GM Belgien Antwerpen
Големо незадоволство кај работниците во фабриката во АнтверпенФотографија: picture alliance/dpa

Раководството на „Опел“ соопшти дека западноевропскиот пазар на автомобили во 2010 ќе опфаќа 1,5 милиони автомобили помалку за разлика од претходната година и околу 4 милиони за разлика од пред три години. Во согласност со ова, „Опел“ сака да ги намали своите производствени капацитети за една петина, истакна првиот човек на компанијата Ник Рајли. Тој нагласи дека затворањето на фабриката во Антверпен е неопходен чекор за да се избегнат прекумерните капацитети. Рајли истакна дека ја разбира разочараноста и гневот на соработниците погодени со ваквиот чекор. „Сочуствуваме со вас и вашите семејства,“ истакна првиот човек на „Опел“.

Во моментов „Опел“ има свои фабрики во шест европски земји: Германија, Белгија, Австрија, Велика Британија и Полска.

Автор: Сузане Хен/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска