1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Опел“ ја затвора фабриката во Бохум

АТ/ дпа/ ртр/ дапд/ афп10 декември 2012

Концернот „Опел“ од 2016. година го укинува производството на автомобили во фабриката во Бохум. Фабриката сепак треба да биде задржaна како центар каде би се изработувале составни делови.

https://p.dw.com/p/16z4T
Фотографија: picture-alliance/dpa

Автомобилскиот концерн „Опел“ има намера целосно да го прекине производството на автомобили во фабриката во Бохум. Раководството на фабриката денеска (10.12.2012) оваа одлука им ја соопшти на работниците.

Управниот одбор на „Адам Опел АГ“ ги информираше вработените дека во фабриката во Бохум по истекот на продукцијата на актуелниот модел Зафира не се планира натамошно производство на готови автомобили, соопшти претпријатието.

Шефот на „Опел“ Томас Зедран на собирот на вработените изјави дека се планира фабриката да прерасне во центар за дистрибуција и евентуално да се прилагоди за производство на некои составни делови. Колку од 3.000 работни места во Бохум ќе бидат укинати, Зедран не прецизираше. Прашања не беа дозволени.

За иднината на фабирката за автомобили на „Опел“ во Бохум се шпекулира со месеци. Претставници на работниците за одлуката на управниот одбор биле информирани пред неколку денови.

Шефот на надзорниот одбор на „Опел“ Стив Гирски рече дека концернот бара можности, вработените да бидат натамошно ангажирани. Автопроизводителот има „јасна намера за поголем дел од работници во ’Адам Опел АГ’ да осигура работни места според тарифни договори“ - во областа на магацини или при можно производство на составни делови.