Опозицијата го нишани правосудството со ќор-фишеци
25 октомври 2018Обвинителството и судството станаа главна адреса на која опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги упатува своите најголеми критики. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски по референдумот му предложи на премиерот Заев да се откаже од Договорот од Преспа и „да се создаде нова обвинителска институција за сузбивање на организираниот криминал и корупција, со обвинител кој ќе работи и на случаите отворени од постојното СЈО, и кој ќе има можност да ги доиспита и анализира незаконски прибавените снимени материјали“.
Предлогот актуелното СЈО да се замени со друго - беше отфрлен. Но, откако владиниот Предлог за пристапување кон уставни измени доби двотретинска поддршка во парламентот врз основа на осумте гласови од опозициската коалиција, обвинувањата на сметка на судството дополнително се зголемија. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изјави дека СДСМ тргува со правдата, и дека судството и обвинителството се ставени под целосна контрола на премиерот Заев.
„Во периодов од гласањето на уставните измени до денес, ние сме сведоци дека во Република Македонија апсолутно се игра и се тргува со правдата. Па така, ако сте во екипата на Зоран Заев, од виновен наеднаш станувате невин, а ако не сте во неговата екипа, дури и да сте невин вие сте виновен, затоа што апсолутно и судството и обвинителството се ставени под целосна негова команда, како во времето на комунизмот“, изјави Николоски.
Повеќе: Заев за простување, Јанчев за амнестија, Василевски на слобода
Како пример ги посочи дел од пратениците кои гласаа „за“ пристапување кон уставни измени, а кои претходно беа пуштени од домашен притвор.
„Мислам дека требаше да излезат од притвор, затоа што незаслужено седат таму, бидејќи луѓето не се виновни, а наеднаш магично и чудно им беа прифатени барањата за излез од притвор на ден пред гласањето, и на денот на гласање. Тоа е поигрување со човечки судбини и тоа е трговија со право и правдина“, обвини Николоски.
Јовески: Немаме притисоци!
Од Судот и претходно објаснуваа дека барањата за укинување на притвор се доставени од обвинетите на различни датуми и дека Судот се раководи исклучиво од роковите во кои треба да одлучи за тие барања, а не со рокови и процеси надвор од Судот.
Од Јавното Обвинителство, исто така, тврдат дека не работат под никакви притисоци.
„Досега не сум имал ниту политички влијанија, ниту политички притисоци. Одговорно тврдам дека ни другите обвинители досега не се пожалиле на влијание од политиката во нивното постапување и донесување одлуки“, вели за ДВ Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.
Во однос на барањата на опозицијата за нова обвинителска институција, Јовески вели дека тоа е нивна политичка битка.
„Легитимно право е да имаат критички став кон работата на Јавното Обвинителство. Но, одговорно тврдам дека нема основа за тоа, бидејќи Обвинителството постапува и отвора предмети за сите случаи во кои има сознанија за сторено кривично дело. Тие веројатно се под импресија на тоа што беше претходно, во периодот на 2015 година, кога се конституираше СЈО, и по истата логика бараат ново Обвинителство. Но, состојбите сега се сосема поинакви од тој период“, дециден е Јовески.
Компромис со правдата
Состојбите дополнително се вжештуваат ако се има предвид различното толкување на премиерскиот повик за „простување и помирување“. Некои тоа го прочитаа како „компромис со правдата“ и „недозволива амнестија“ за настаните од 27-ми април. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се посомнева дека тоа се однесува само за нејзини пратеници кои гласаа „за“, па Мицкоски побрза да предложи целосна амнестија за 27-ми април.
„Ајде донесете закон за амнестија кој го предлагаме за сите учесници за 27-ми април, за да има и неселективна правда и слобода за сите, а не селективна правда само за оние кои што вам ви слугуваат“, повика тој од свеченото одбележување на Денот на македонската револуционерна борба.
Ваквиот повик уследи и непосредно по Прогласот што го упатија притворените за 27-ми април кои му порачаа на Мицкоски дека се „лути и гневни на предавството од него“.
„Да ве потсетиме дека лажната надеж е најтежок удар врз човековата психа. Изминативе месеци од Мицкоски ни беше ветена гаранција со имотот на партијата - тоа не бидна! Беше ветен предлог-закон за амнестија - не бидна!“, го потсетија притворените во Прогласот.
ВМРО-ДПМНЕ во обид да кокетира со незадоволните, сега реши да го игнорира повикот на власта за простување и помирување кое треба да започне во Собранието, преку работно тело кое треба да биде формирано во рок од 30 дена.
„Власта со најави за некакви комисии или форуми во Собранието за наводна правда, не прави ништо друго освен обид за замајување на јавноста и обид за селективна правда, што во суштина е неправда. ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во комисии кои треба да обезбедат селективна слобода само за оние кои учествуваа во гласањето за потреба за уставни измени произлезени од договорот со Грција“, соопшти опозициската партија, и најави дека ќе поднесе предлог-закон за амнестија за сите инволвирани во случувањата за 27-ми април.
Повеќе: Помирувањето не е амнестија, велат од Владата
Во координација со претседателот на Собранието, Талат Џафери, координаторите на парламентарните групи генерално се согласиле дека форматот на комисијата треба да се состои од ист број членови на мнозинството и опозицијата. Со оглед дека опозицијата одбива учество во таква комисија, на повидок е нова опструкција. Премиерот Заев и вчера ја нагласи потребата од национално простување и помирување, како чин кој на никаков начин нема да се меша и да влијае на судските постапки.