3.000 амандмани за да се блокира онлајн Собранието
30 ноември 2020Пропадна обидот да почне расправата за измена на собранискиот Деловник со кој треба да се отвори можноста за онлајн работа и дискусии на пратениците коишто се заразени или се во изолација поради Ковид-19, коишто ги предложи собранскиот спикер Талат Џафери. Опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса/Алтернатива со поднесени 3.000 амандмани ја блокираа работата на Мандатно-имунитетната комисија. Тие тврдат дека за функционирање на Собранието онлајн нема ниту технички, ниту демократски услови. Координаторот на коалицијата Алијана/Алтернатива, Скендер Реџепи вели дека нивната забелешка се однесува на начинот на кој се носи новиот Деловник.
„Ова прашање треба да се спречи бидејќи за измени на Деловникот е потребен сепартиски консензус. Досега, само еднаш се случило Деловникот да се измени на своја рака, без опозиција, во времето на Груевски. Јас и на говорница кажав, ако сакате да го вратите груевизмот, изменето го деловникот на своја рака. Сметаме дека со доволно амандмани, ќе се избориме за консензус“, вели Реџепи.
Консензус, а не сила
Забелешки на процедурата на донесување на измените на Деловникот има и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тимчо Муцунски на прес-конференција изјави дека за донесување на измените мора да има консензус, а не тие да се носат на сила. „Ова не е начин кој што создава дополнителна доверба меѓу политичките субјекти, напротив, јас би рекол ја нарушува и така слабата доверба која што ја има помеѓу политичките партии во Собранието. Ние ќе ги користиме сите возможни политички модалитети и ресурси на наше располагање да се спротивставиме на овој процес кој што има обид на сила да се донесе, спротивно на Уставот и не овозможува дијалог во Собранието.", рече Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.
-повеќе на темата: 30 години од првите плурални избори: Првиот парламент беше и единствениот слободен
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која поднела 1.300 амандмани останува на барањето дијалогот за измена на Деловникот да се води во рамки на иницијативата Жан Моне, а не „насилнички“ само да се покрие тесното мнозинство од 61 пратеник на СДСМ и на ДУИ.
Мнозинството не се откажува и натаму ќе бара начин за да се обезбеди функционалност на парламентот. „Срамно е за државата заради деструктивната опозиција да биде единствената држава во светот без можност за ваков начин на работа на Собранието“, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Блокада на Собранието
Пратеникот Арбен Зибери од ДУИ стравува од блокада на Собранието и недонесување на Буџетот за 2021 година. „Не можеме да бидеме заложник на опозицијата и да ја блокираме работата на Собранието. Сите сме луѓе и секој може да биде заразен со вирусот. Целта е Собранието да работи без пречки затоа што има некои закони кои што треба да бидат усвоени, посебно Буџетот. Се разбира дека единствената идеја е функционално собрание”, вели Зибери, кој беше заразен со Ковид-19, поради што му беше овоможено да дојде и да гласа во посебна кабина во Собранието.
Со предвидените измени, пратеник кој е заразен со Kовид-19 и поседува решение од надлежните органи за изолација, ќе може да се вклучи во дебати и да гласа од дома. Зибери вели дека оваа мерка не важи за пратениците кои боледуваат од други болести или од сезонски грип и за владините претставници при образложување на законите или разгледување на амандманите.
Постапката ќе трае долго
Според лошиот старт, кој започна со блокада, се поизвесно е дека постапката ќе трае долго и прашање е дали воопшто ќе биде завршена. Комисиската расправа за предлог измените на Деловникот е одложена се додека материјалите не бидат архивирани и додека не бидат преведени, а потоа и доставени до сите пратеници.
Претседателот на комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, Панчо Минов најавува дека седницата ќе ја презакаже за наредната недела, бидејќи многу од амандманите не биле системататизирани и евидентирани во собраниската архива.
-повеќе на темата: Каков парламент (не) сакаат граѓаните?
„Деловничка обврска е прво амандманите да се обработат па да се достават до пратениците, Вкупно опозицијата поднесе околу 3.000 амандмани. Не можам да кажам дали со толку многу амандмани ќе ги блокира предлог измените на деловникот кои се во насока, пратениците кои се заболени или се во изолација поради коронавирусот, да можат електронски да учествуваат во работата на собранието, но има решение за се. Може да бидат групирани доколку амандманите се слични“, вели Минов во изјава за медиумите.
Предлог измените ги достави собранискиот спикер Талат Џафери, кој неодамна изјави дека ваквото решение нема да го промени досегашниот начин на работа, туку само ќе овозможи Собранието да биде целосно функционално. Ваквата потреба се наметна поради актуелната ковид-криза, откако неколку пратеници беа заразени со коронавирус, поради што беше оневозможено нивното учество во работата на парламентот. Поради пандемијата и владините седници изминатиов период се одржуваат онлајн.