1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опседнатоста на Груевски со „жолто комбе“ не била случајна?

22 септември 2017

Во Македонија навистина имало мобилно возило за следење на комуникациите, но не на странски служби, туку набавено за потребите на УБК. Со што било опремено „жолтото комбе“?

https://p.dw.com/p/2kVYy
Russland Krasnodar Straßenverkehr
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Zucchi

„Жолтото комбе“ кое стана синоним за неаргументираната одбрана на Владата на Никола Груевски за масовното прислушување на над 20.000 граѓани, наводно командувано за потребите на „странски служби“, според извори во домашната истрага, всушност било набавено и опремено за потребите на УБК.

Првото спомнување на вакво „возило“ започна со кривичната пријава за „Пуч“, односно со изјавата на Никола Груевски на прес-конференцијата одржана на 31 јануари 2015 година.

„Откако Заев почна да ги упатува заканите кон мене, МВР покани врвни експерти за оваа проблематика од позната странска компанија, која со своја опрема утврди дека повремено на различни локации, главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушување и снимање телефонски разговори, користејќи мобилна опрема чија локација постојано се менува, а функционира по принцип на клонирање на базни станици. Локацијата на снимањето се менувала во радиус од околу два километра, но, главно, се одвивала низ центарот на Скопје, околу државните институции“, обвини Груевски пред две години.

Спомнувањето на таква мобилна опрема изгледа дека воопшто не било случајно, ниту пак биле непознати нејзините можности. Според наодите на истрагата за случајот „Трезор“, такво возило за следење на комуникациите било набавено од МВР, односно УБК. Истото функционирало како мобилна базна станица, а било набавено преку фирмата „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, со анекс-договор од јули 2012 година, како „дополнителна опрема“ на основната, набавена во 2010 година. Главната и дополнителните набавки на оваа опрема, биле означувани со различни степени на доверливост.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Nikola Gruevski Ex-Regierungschef
Груевски досега не кажа за кои странски служби и за чие комбе зборуваФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Покрај стандардните, возилото било опремено со уште две седишта, специјални заштитни стакла, видео сервер, видео модем, неколку монитори, стабилизатор на слика, контролен приемник, тетра радио, антена-преклопник, специјални батерии, засилувачи на сигнали и звук и цел сет други технички средства кои требало да овозможат и поширок и таргетиран аудио, видео и фото надзор. За индициите дека возилото требало да биде ангажирано 24/7, сведочеле и наведените барања во набавката - тоа да биде опремено и со тоалет!

Во еден период возилото можеби и навистина било жолто, но имало можности по потреба неговата боја инстант да биде сменета со фолии, со цел да не паѓа во очи, доколку почесто е стационирано на одредена локација. Од него можело да се снима, слуша и фотографира од мали и непосредни дистанци - со паркирање до кафулиња, ресторани, станбени објекти, државни институции, партиски штабови, дипломатски претставништва, судови...

Набавки преку посредник

Истрагата за набавката на оваа опрема финишираше со обвинение под името „Трезор“, во која четири лица се обвинети за економски криминал. Според обвинението, тие од 2010 до 2012 година преку набавка на електронска и комуникациска опрема за УБК, а потоа и набавки за нејзино одржување, прибавиле имотна корист, односно предизвикале штета за буџетот од 35.488.0249 денари. За злоупотреба на службената положба и овластување во овој случај се обвинети поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата Управа во УБК Горан Грујевски кој од крајот на јули е во бегство, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на директорот на УБК, кој пред три дена беше разрешен од раководната функција на регионалната мрежа за борба против криминалот - СЕЛЕК, со седиште во Букурешт. Набавката на опремата, во која спаѓа и „жолтото комбе“, била извршена преку „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, од британската фирма „Гама“ позната како производител на ФинФишер, еден од најмалициозните шпионски софтвери. Ако се знае дека нарачатели и купувачи на ваква опрема можат да бидат држави и влади, но не приватни компании, тоа значи дека „Финзи“ и не можела да ја купи опремата како посредник, ако зад неа не стоела гаранција од државата. Едно од прашањата што ќе треба да се одговорат во судската постапка, е зошто била потребна фирма посредник, кога МВР во еден наврат веќе извршила директна набавка на дел ваква опрема од британската фирма? Дали посредничката фирма била потребна само за да се испумпаат пари од буџетот, односно заради провизија?

Symbolbild USA Geheimdienst Überwachung
Фотографија: Fotolia/benjaminnolte

Опремата прегазена од новитетите

Но, во однос на опремата, она што го утврдила истрагата, е дека таа се користела во еден период, но со големи тешкотии поради недостиг на едуциран кадар, и покрај тоа што дел од вработените во УБК биле испратени на обука во Минхен. Во тој период, според она што било побарано во набавките, таргет на следење биле мобилни телефони, компјутери и други комуникациски и електронски алатки, кои по нивното „инфицирање“ со разни методи, станувале „очи и уши“, односно отворени камери и микрофони за потребите на оној што ги следел комуникациите. Според можностите што ги нудел системот, без да знае корисникот, софтверот може да следи што пишува тој на тастатурата, има пристап до сите лозинки на компјутерот и на мобилниот телефон, може да се вклучи на неговата камера и микрофон. Не е исклучено дека за истите цели некои надгледувани лица добиле на подарок тв-апарат, со скриена функција на камера 24/7.

Опремата подоцна станала нефункционална поради некомпатибилност со одредени новитети во телекомуникацискиот систем. Но, стекнатото домашното искуство со набавеното комбе, веројатно придонесло тоа да стане еден од контроверзните „аргументи“ на Груевски. Тој досега ниту еднаш не кажа за кои странски служби и за чие комбе зборува, па поверојатно е дека одговорот побрзо ќе стигне преку судските постапки.