1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан го замолкнува и интернетот

Н. Рујевиќ/Б. Георгиевски28 октомври 2014

Во данокот на интернет, владата на Орбан не гледа само дополнителни приходи, туку сака да ги замолкне и критичарите. Тоа би бил нов истрел кон слободата на мислењето и медиумите во Унгарија, коментира германскиот печат.

https://p.dw.com/p/1DdBT
Фотографија: Reuters

Предлогот за воведување нов данок ја активираше дури и парализираната унгарска опозиција, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Се работи за намерата на владата на Виктор Орбан да го оданочува секој гигабајт интернет- податоци со околу 150 форинти (половина евро). Франкфурскиот весник пренесува дека десетина илјади луѓе протестираа во Будимпешта против предложената регулатива, а протести имаше и во Печуј, Веспрем и други градови.

„Очигледно е дека Унгарците не излегоа на улиците само поради заканата од нови финансиски намети. Бидејќи тие не реагираа така кога беше воведен банкарски данок, кој исто така ги погодуваше сите. Но, се работи за материјално ограничување на слободното движење на интернет и со самото тоа и за слободниот пристап до информациите“, пишува ФАЦ.

„Меркише одерцајтунг“ додава дека интернетот во Унгарија е единствената преостаната можност да се дојде до независни информации, бидејќи деснонационалната влада со години врши притисок врз класичните медиуми: печатот, радиото и телевизијата. „Во данокот на интернет владата на Орбан не гледа само дополнителен приход, туку сака да ги замолкне и критичарите. Тоа би бил нов истрел во колено за слободата и различноста на мислењето и медиумите“.

Планот за оданочување на интернетот се заканува да стане монументален бумеранг за владата на Орбан, коментира „Рајнише пост“ од Диселдорф. „Пред сѐ, младите урбани Унгарци се чувствуваат погодени, но незадоволството далеку го надминува ова милје. И во Унгарија пристапот до интернет одамна спаѓа во секојдневието на широките општествени слоеви. Владата очигледно е изненадена од размерот на протестите и тоа покажува колку Орбан се оддалечил од реалноста во која живеат мнозинството Унгарци - иако во говорите устата му е полна со 'народот'. Најголемиот проблем во земјата всушност е дивата корупција. Застрашувачка е бесрамноста со која бројни функционери на Фидес се богатат. Дури и блиските соработници на Орбан, наводно добро се 'омрсиле'. Економијата на ортаклукот е на добар пат да ги проголта унгарските институции и стопанството. Тажно за една земја која своевремено беше модел на успешна транзиција од социјализам во пазарно стопанство и демократија“, пишува весникот.

Proteste gegen Internet-Steuer in Ungarn 26.10.2014
Протести во Будимпешта против интернет-данокотФотографија: AFP/Getty Images/Attila Kisbenedek

„Голема уметност е да се сфати што ги придвижува луѓето во унгарската политика и со кои теми треба да им се пријде“, пишува берлински „Велт“. „Тоа досега беше силата на владејачкиот Фидес. Но сега, како да се врти страницата и премиерот Орбан го губи чувството за народот. Обидот да ѝ се наметне данок на новата интернет-генерација можеби покажува дека владејачката партија подостарела. Притоа, тука имаме интересен пример на двоен морал: во времето додека беше во опозиција, Фидес го означи можниот данок на интернет како непромислен и лош потег“.

„Велт“ додава дека најжесток критичар на режимот во Будимпешта е американскиот амбасадор Андре Гудфренд. „Неговата заштита на унгарската опозиција е доказ за тешката криза во односите меѓу двете земји, со акутни последици по унгарската внатрешна политика. Иако би било мудро, владата да ја препознае кризата и да најде начин да ја реши, пореално е дека Орбан ќе падне во искушение едноставно да ја етикетира американската критика како мешање однадвор. Уште подобар пропаганден материјал е повикот на демонстрации од Брисел: Нели Крос, комесарката за дигитална комуникација на заминување, ги повика граѓаните на Унгарија на улица, на протести против владата. Европската комисија повикува на протести против владата на една земја-членка? Тоа му оди во прилог само на Орбан“.