1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Другарството со Орбан - добро за Вучиќ, лошо за Србија?

Немања Рујевиќ
8 јули 2021

Официјална Будимпешта бара Србија да биде примена во ЕУ во момент кога власта на Виктор Орбан е на мета на сѐ пожестоки критики од Брисел. Дали поради тоа Србија ќе го извлече подебелиот крај?

https://p.dw.com/p/3wCht
Serbien Ungarn Vucic bei Orban
Фотографија: Reuters/B. Szabo

Читателите на водечкиот германски таблоид „Билд“ се навикнати на драматични наслови, шокантни фотографии и холивудски пресврти во љубовниот живот на познатите, но нивниот омилен весник минатиот понеделник сепак ги изненади. Преку цели девет страници осамна платен оглас на унгарската влада, некој вид скратена програма наречена „За иднината на Европската унија - унгарски предлози“.
Доколку читателите стигнале до последната, седма точка на програмата, таму можеа да прочитаат:

„Србија мора да биде примена во ЕУ како земја-членка“. Под таа реченица е само уште потписот на премиерот Виктор Орбан. Оглас со идентична содржина претходно беше објавен и во бројни европски весници: францускиот „Ле Фигаро“, шведскиот „Дагенс Индустри“, хрватскиот „Вечерњи лист“, шпанскиот „АБЦ“, данскиот „Јиландс Постен“ и чешкиот „Млада фронта Днес“. Некои весници, како белгискиот „Стандард“ или луксембуршкиот „Ворт“, одбија да го објават огласот и соопштија дека не сакаат да служат како „платформа за отворено авторитарни и антидемократски политичари како Виктор Орбан“. „Билд“ сепак соопшти дека не се занимава со цензура на огласи и дека слободата на мислата мора да издржи и тогаш кога не се согласуваме со кажаното.

Кому е намената пораката на Орбан?

Маркетиншкиот потег на официјална Будимпешта доаѓа по острите критики од повеќето земји на ЕУ поради унгарскиот закон со кој се ограничува „хомосексуалната пропаганда“. Со законот се забранува тематизирање или споменување на каква било сексуалност освен хетеросексуалната во филмови или книги за деца, на телевизиите освен во ноќни термини, како и во училиштата. 
Но од каде во агендата на Орбан за наводна реформа на ЕУ и една точка посветена на Србија? Дали т.н. „европска перспектива“ на Западниот Балкан е во подлабока криза одошто се мислеше, доколку најконкретно ја заговара еден политичар кој на Западот го прогласуваат за автократ? И што има Србија од таквиот поддржувач?

Познавачите на состојбата кои говореа за ДВ главно велат дека платениот оглас не е вистински предлог за реформа на ЕУ, и дека Орбан не се ни надева на тоа. Во прашање е испраќање порака на разни страни.

Во првите шест точки Орбан се противи на „европската империја“, бара да се ограничи наводната моќ на невладините организации, во ерата на „опасните предизвици“ како што се масовните миграции и пандемија да се заштитат „европските луѓе“, да се намали моќта на Европскиот парламент и да се засилат националните парламенти. Потоа доаѓа точката седум за Србија.

„Тоа нема врска ни со Србија, ни со Вучиќ“, уверен е Ерик Горди, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон и добар познавач на Балканот. „Орбан добро знае дека ни Србија ниту која било друга земја нема да биде примена во членство во догледна иднина. Во неговата реченица, Србија е шифра за тврдата десница, со оглед на тоа што не може да ги промовира Полска и Словенија кои се веќе дел од ЕУ“.

„Доколку ова нешто зборува за Србија, тогаш тоа е дека западнала во лошо друштво. А доколку тоа нешто зборува за Европа, тогаш тоа е уште еден знак дека со некохерентната политика го намалила своето влијание во регионот“, наведува Горди за ДВ.

Србија - „објективно поподготвена“

Последните години, практично само европските политичари од истокот го споменуваат „членството“ на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, посебно на Србија. Словенечкиот премиер Јанез Јанша, меѓу ловот на комунисти и поддршката на Орбан, постојано заговара забрзување на приемот на регионот во ЕУ. Во вторникот тој повтори дека интеграцијата на соседството ќе биде една од главните цели на претседавањето на неговата земја со ЕУ.

„Унгарија десет години енергично го поддржува приемот на Србија во ЕУ. На сите форуми, со сите дипломатски средства, искрено“, вели за ДВ, Балинт Пастор, претседател на пратеничката група на Сојузот на војводинските Унгарци во српскиот парламент. Пастор не негира дека улога играат и личните врски на премиерот Орбан и претседателот Вучиќ, затоа што „политиката ја создаваат луѓето“. Но не се согласува со тврдењето дека со поддршката за Србија, Орбан планира да го прошири својот фронт во рамките на ЕУ.

„Србија денес е објективно поподготвена за членство во ЕУ одошто беа некои држави кога беа примени“, вели Пастор, чија партија е во коалиција со партијата на Вучиќ, а негува и блиски врски со партијата Фидес на Орбан.

Подебелиот крај ќе го извлече Србија

Репортери без граници неделава го прогласија Орбан за „непријател на слободата на медиумите“ и го додадоа на ексклузивната листа на која се уште и Александар Лукашенко, Жаир Болсонаро, Мохамед бин Салман и Башар ал Асад. Поради потезите на владата, Брисел постојано ѝ се заканува на Унгарија со правни последици и намалување на финансиските средства.
Заради тоа, според политикологот и новинар Борис Варга, декларативната поддршка на Орбан може само да ѝ одмогне на Србија на патот кон ЕУ. Но, можеби и да му користи на Вучиќ.

„Тоа е дел од планот на Вучиќ за вечно лавирање помеѓу Западот и Истокот. На поранешните радикали уште од почетокот не им беше целта Србија да влезе во ЕУ, туку тие да дојдат на власт со поддршка од Западот и во тоа успеаја со Бриселскиот договор. Поради Косово, тој договор не беше воспоставен на неодредено време, така што на Вучиќ и тоа како му е потребен Орбан како дел од Европа кој нема да врши притисок и експлицитно ќе нара признавање на независноста“.

Сепак, според Варга, за развојот во Србија и евентуалното слабеење на стабилократијата на Вучиќ, и понатаму поголема тежина има зборот на поголемите членки на ЕУ. Дали и кога Брисел ќе се пресмета со авторитарните лидери, ќе зависи и од исходот на изборите во Германија во септември годинава. Тогаш, другарството на Вучиќ со Орбан би можело да ѝ се удри од глава на Србија.

„Борбата против феноменот на орбанизмот во ЕУ би можела да се води токму преку Србија, доколку Брисел одлучи да престане да ги толерира популистите. Подебелиот крај секако ќе го извлече Србија, затоа што, за разлика од Унгарија, не е членка на ЕУ и негативните последици од владеењето на напредњаците ќе влезат во преговарачкиот процес на Србија“, вели Варга. Сето тоа под услов дека во играта на морковот и стапот, тој морков во вид на членство во ЕУ да е воопшто на видикот.