Орбановото влијание во ЕУ
16 јуни 2018Словенија е мала и непозната, па речиси никој и не се чудеше кога водечките европски медиуми на денот по парламентарните избори го прогласија десниот популист Јанез Јанша за „јасен победник“. Притоа, неговата партија, единствената стабилна величина во нестабилното партиско милје во земјата, и покрај континуираниот тренд в десно на целиот контиент, не го постигна ниту резултатот од 2011-та. Но, дали навистина е можно токму избирачите на оваа, сепак повеќе источна двомилионска држава, осиромашена од економската и бегалска криза, да не потклекнале на примамливоста на „илибералната демократија“? Па и не баш, си помислија новинарите. А, таму каде што недостигаат поими, се всадила предрасудата.
Дали Европа има проблем на истокот?
Тешкото невреме кое ги зафати европските демократии навистина доаѓа од Истокот, и тоа од далечниот. Уште во 1980-тите полетната Кина го собори дотогаш раширеното сфаќање дека демократијата и пазарната економија се две страни на еден медал и дека едното без другото не е можно на долг рок. На преминот кон новиот милениум, брзо по стапувањето на Владимир Путин на должност во Москва, моделот „капитализам без либерална демократија“ ја помина реката Амур. Со изборната победа на Виктор Орбан во 2010 година овој модел стигна во ЕУ.
Но европските невидливи граници меѓу истокот и западот, рекичките како Соча, Дује, Ниса, ниту политички не се соодветни за граница. Во Италија и Австрија пријателите на Виктор Орбан веќе седат на клучни позиции. Во Франција, Холандија, Белгија, Данска, Норвешка десничарските партии од Орбански тип може да сметаат на 15 до 30 проценти гласови. И Германија со својата АфД не е далеку зад нив, а новите десни сили се во пораст и во традиционално угледните конзервативни народни партии. Состојбата сѐ уште е нестабилна. Но има знаци кои укажуваат дека темните облаци се концентрираат пред сѐ таму каде што се собираа и пред последното големо невреме во Европа. На пример, во Италија, во Австрија, во Германија, но не во Франција и не во Словенија.
Враќање во националниот оклоп
Националистичките и авторитарни расположенија го имаат преплавено целиот континент. Но, тие не само што се различни по сила, туку имаат и различни обележја. Западните десничари се подбиваат со земји чии граѓани се доселуваат и ги нарекуваат „по...ни дупки“, источните десничари пливаат во нивната национална траума дека вечно некој нешто им крати, дека не се вистински признати. Западните десничари ги презираат институциите и се одушевуваат, привидно либерално, од Фејсбук-демократијата, каде секој што е на поминување притиска „Ми се допаѓа“ и им дава простор на своите политичари да се празнат.
На тема Орбан и ЕУ:
Орбан сака да биде лидер на Источна Европа
Орбан ја повика ЕУ да се откаже од „заблудените“ идеи
Источните десничари посакуваат враќање на правото, поредокот, чистотата, со чисто поделени национални држави, обврска за покажување пасош и гранични рампи. Само што властодршците сега наместо срп и чекан на реверот носат други симболи. Се разбира, претставите на Истокот и Западот, но и од една држава до друга, не си одговараат. Но, и не мораат. Секој се повлекува во својот национален оклоп.
Како точно изгледаат работите во оклопот на другите на сите може да им биде сеедно. Спротивностите Исток-Запад во Европа малку придонесуваат за објаснување на светскиот феномен. Но го засилуваат. На новите десничари спротивностите од секаков вид им се исклучително добредојдени: Исток-Запад, Север-Југ, богат-сиромашен, нација против нација. Ако во моментов Вишеградските држави се тие кои најмногу го попречуваат мирот во ЕУ, функцијата на создавач на пречки би можела натаму да ја преземе новата десничарска алијанса под италијанско раководство, или групата на земји кои се скржави нето-плаќачи, кои ги намалуваат структурните фондови и кои сакаат да ја претворат ЕУ во поле за игра на конкурентски тимови. На крајот ЕУ би се распаднала онака како што се распаднаа сите алијанси на деснорадикални партии - она што ги спојува е истовремено она што ги раздвојува. Би се склучувале само „дилови“ кои се во полза на посилниот.
Ризикот на малите држави
Сѐ додека една земја, сеедно од која причина, може да мисли дека сама би била посилна отколку во Унијата, уништувачите имаат аргументи на своја страна. Повиците до Истокот да се вразуми, со оглед дека како нето-примач профитира многу од Унијата, делуваат беспомошно. Нема аргумент кој не може да се изврти: од Исток кон Запад имено, на крајот на краиштата, течат повеќе пари отколку во обратен правец, никаде уделот на платите во социјалниот производ не е толку мал како во продуктивната Чешка.
Или случајот со односот кон поимот „солидарност“ во бегалската криза: моќниот Берлин почна да бара „солидарност“ дури откако Европа со години ги оставаше сами земјите кои примаа бегалци, Грција и Италија. Многу малите нации нема да учествуваат во фаталната игра, зашто при распад на Унијата би се вброиле во секој случај во групата на губитници. Земји како Луксембург, која не попусто има дадено толку истакнати политичари, Естонија, Летонија, Литванија, Малта и - Словенија. Во земјите од кои сѐ зависи, на вразумување ќе мора сѐ уште да се чека.