1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оригиналните икони во музеј, копии по црквите

Милчо Јованоски3 февруари 2014

Алармот одмана е вклучен. За 10 години од црквите во Македонија крадците однесле околу десет илјади икони и артефакти. Дебарско-кичевската епархија во Охрид ќе гради Музеј на икони за да го спаси преостанатото богатство.

https://p.dw.com/p/1B1jO
Neubau einer Orthodoxen Kirche
Фотографија: picture-alliance/dpa

Жално изгледаат црквите во селата низ Дримкол, Малесија, Дебар, Кичево, Преспа и Битолскиот регион. Ретките верници кои навраќаат за селските и црковни слави се крстат во речиси празни цркви без икони. Во годините наназад на удар на крадците беа црквите по селата во кои не живее веќе никој или останале само по неколку семејства да ја бранат честа на огништата. Но не можеа да ги одбранат црквите од препредените крадци и трговци со икони и артефакти кои посегаа и по други сакрални предмети, од стари книги до крстови и евангелија. Штетите се непроценливи. На добро организираниот криминал полицијата тешко му влегува во трага. Не помогнаа ни новите катанци, ниту алармите, за да се спасат вековните светилишта кои се бедемот на верата и идентитетот на Македонците. Секретарот на Дебарско-кичевската епархија, свештеникот Никола Христовски, вели: „Заштитата на иконите оди се‘ потешко. Црквите во селата распослани во планинските предели изминативе неколку, а особено минатата година, се најдоа на удар на крадците и од нив беа украдени вредни икони. Затоа првата наша мерка беше нивна дислокација . Иконите кои преостанаа ги собравме на неколку сигурни места и се добро заштитени.“

Svestenik Nikola Hristovski Porträt
Никола ХристовскиФотографија: Milco Jovanoski

Украдените икони завршуваат кај приватни колекционери

За Македонија, кога се во прашање кражбите од црквите, историјата како да се повторува. Небројани артефакти низ вековите најчесто завршувале во трезорите во Софија и Белград, сега трагата води кон Запад. Во регистарот на културно богатство на Македонија се запишани над 200 цркви и манастири во кои се регистрирани близу дваесет и три илјади икони. Последнава деценија само од црквите во западна Македонија украдени се над 500 вредни икони кои потекнуваат од времето меѓу 15. и 19. век. Пред три месеци албанската полиција откри над 1000 икони и други црковни артефакти.

geplündertes Kirchenfresco Albanien
Фотографија: DW

Доктор Сашо Цветковски, директор на Музејот во Струга беше дел од експертскиот тим кој во Тирана препозна 21 икона украдени од македонски цркви. Од нив 12 со потекло од црквите во струшко, а останатите од регионот на Преспа. Доколу полицијата не им влезеше во трага, тие преку Италија тајно ќе беа препродадени низ Европа. „Ние како тим од Министерството за култура веќе направивме извештај, сега се чека документацијата од МВР и постапката за враќање на иконите од Албанија да започне“, вели Цветковски.

Ќе се гради Музеј на икони во Охрид

На барање на владиката, господин Тимотеј, се работи на проект за Музеј на икони. Идејната фаза е завршена, а сега ќе започнеме со изработка на основниот проет, кажува директорката на Завод и Музеј од Охрид Тања Паскали Бунташеска: „Во идниот музеј предвидени се простори за изложување, депонирање и конзервација на иконите. Одредена е и локацијата - тоа е земјиштето под новата митрополија на епархијата, во комплексот на црквата Св. Богородица – Перивлепта. Изградбата ќе биде финансирана од епархијата, но колку ќе чини инвестицијата во оваа фаза не е можно со сигурност да се каже. Наше е до почетокот на јули комплетно да го завршиме проектирањето на објектот и архитектонски да внимаваме новата градба да не ги наруши визурите на постојните објекти. Новиот музеј ќе се вклопи во целиот простор и покрај веќе познатата Галерија на икони ќе биде уште една интересна содржина за домашните и странските посетители на Охрид.“

Tanja Paskali Buntasheska Porträt
Тања Паскали БунташескаФотографија: Milco Jovanoski

Сакаме да ги заштитиме иконите од нашата епархија, која поседува едно огромно богатство. Токму на ова тло низ вековите работеле највредните мајстори иконописци и фрескосликари, додава отец Христовски: „Наша заложба е ограбените цркви да не останат празни, во некои недостигаат цели иконостаси. Со проектот е предвидено во музејот да се донесат иконите за кои ќе се утврди дека во црквите нема да се на сигурно и тие ќе бидат заменети со нивни копии кои ќе се вратат на старото место.“

„Потегот за изградба на Музеј на икони од страна на Дебарско-кичевската епархија е за поздравување. Особено, што тој е прв реален чекор за заштита на сакралното богатство од страна на црквата, откако таа е нивен сопственик во Македонија. Би било убаво примерот на владиката Тимотеј да го следат и останатите митрополити“, смета доктор Цветковски.