Османи: Бундестагот ги смирува ЕУ скептиците
26 септември 2019„Документот е одлична рефлексија на состојбите во државата и валоризација на тоа што сме го направиле во последните три години“, вели вицепремиерот Бујар Османи во пресрет на вечерашната дебата во Бундестагот. Се очекува пратениците со големо мнозинство и без дополнителни условувања да и` дадат зелено светло на С. Македонија за почеток на преговорите.
Во нацрт-документот кој ќе биде ставен на гласање се наведуваат и критериуми на кои земјата ќе мора да продолжи да работи во текот на преговорите, а кои се дел и од процедурата која ја налага самата ЕУ. Меѓудругото: продолжување на реформските процеси, зајакнување на владеењето на правото и на борбата против организираниот криминал и корупција.
„Во овој текст нема ништо ново од тоа што го предвидува самиот тек на преговорите, но сметам дека намерата на пратениците е да им укажат на скептиците дека ова ќе биде мониториран процес со многу условувања и само ако се исполнат условите ќе можат еден ден да станат членки на ЕУ“, вели Османи.
Безусловна препорака
Ваквиот став го потврдува и пратеникот на германските социјалдемократи, Јосип Јуратовиќ. Тој објаснува дека на С. Македонија не и` се поставуваат никакви дополнителни услови, туку само се следи рамката на ЕУ и се бара начин како да им се стави до знаење и на некои скептични земји дека во процесот ќе се инсистира на исполнување на сите критериуми.
Зеленото светло од Бундестагот, сепак, нема да значи и дефинитивно отворање на вратите за земјата. Останува да се убеди и скептичната Франција, за која Османи тврди дека во последниот период настапува со поблаг тон.
„Денеска ќе поминеме еден важен чекор во овој процес, но приказната не е завршена. Останати се уште 19 дена и се уште треба да работиме со многу земји, вклучително и Франција и Холандија. Јас мислам дека Франција веќе има поублажен тон во однос на минатата година, затоа што ние продолживме со успесите“, вели вицепремиерот.
Според пратеници во Бундестагот со кои разговараше ДВ, поддршката за С. Македонија е извесна и кон неа ќе се вклучат и пратениците на опозициските партии од редовите на Зелените и Либералите. Скепсата во однос на Албанија останува голема и кај дел од владејачките, но особено кај опозициските партии. Популистичката АфД веќе најави дека нема да го поддржи отворањето на преговорите со ниту една од двете земји, додека Либералите веројатно ќе гласаат против Албанија. Се прават обиди преку дополнителни услови за Тирана, земјата да се протурка на мала врата кон преговорите, а во меѓувреме да и` се даде дополнително време да ги реализира барањата.
Преговори од следната година
Османи се согласува со таквиот став.
„Важно е да има зелено светло за двете земји бидејќи сметам дека двете заслужуваат, но потоа да се разликуваат во однос на условувањата внатре во самата рамка.“
Доколку се` мине во најдобар ред и на самитот на ЕУ во октомври, Османи очекува првата меѓувладина конференција да се одржи на почетокот на јануари или февруари во текот на хрватското претседателство со ЕУ.
„Тоа што е важно е дека ние од јуни 2018 го завршиме првичниот скрининг кој е задолжителен дел по започнувањето на преговорите. Сега директно би пристапиле на билатералниот скрининг и паралелно со тоа како се исполнуваат критериумите за отворање би можеле да ги отвориме и Поглавјата“, вели Османи за ДВ.