Основачот на „Алибаба“, Џек Ма, се појави во јавноста
20 јануари 2021Кинескиот мултимилијардер Џек Ма исчезна од јавноста на крајот на октомври. Сега неговата фондација објави видео-порака од 50 секунди на основачот и долгогодишен шеф на ИТ-крупацијата „Алибаба“. Видеото се рашири со молскавична брзина преку кинеската социјална мрежа Веибо.
Во видеото, 56-годишниот Џек Ма, кој пред основањето на „Алибаба“ бил наставник по англиски јазик, се обраќа до педагозите кои се поддржувани од неговата фондација. Тој не го спомнува своето исчезнување од јавноста, ниту пак се осврнува на напорите на кинеското државно раководство да ја преземе контролата врз „Алибаба“ и други интернет компании. Ма во видеото најавува дека уште повеќе отколку досега ќе се посвети на каритативни цели.
Повеќе: Загатка околу основачот на Алибаба: Каде е Џек Ма?
Елоквентниот Ма од јавноста исчезна по еден свој говор на конференција во Шангај, на 24 октомври 2020-та, во кој ги критикуваше кинеските институции. На почетокот на ноември, властите, со укажување на нови правила, го запреа излегувањето на берза на Ант Груп, финансиска платформа произлезена од платформата на „Алибаба“ за плаќање - Алипеј. Тоа требаше да биде најголемо светско деби на берзите, тешко 37 милијарди долари.
Повеќе: Шефот на Алибаба си даде „отказ“
„Алибаба“ е во визир на кинеското државно раководство и поради друга работа. Компанијата е осомничена за монополско однесување и покрената е истрага.
Повеќе: Богатството на супербогатите Кинези се зголемило како никогаш досега
По исчезнувањето на Ма од јавноста имаше големи шпекулации за негово наводно апсење или своеволно „потонување во илегала“. По објавувањето на видео-пораката на Ма, цената на акциите на „Алибаба“ на берзата во Хонгконг се зголеми за 10 проценти.