Основачот на Викиликс, Асанж уапсен
7 декември 2010Владите на западно-европските земји и Вашингтон целосно го стегнаа обрачот околу Џулијан Асанж откако на крајот на минатиот месец платформата Викиликс објави илјадници тајни документи на американскиот Стејт Департмент.
Неговото денешно апсење е само последниот, во низата чекори, на секој можен начин да се замолчат и тој и Викиликс.
Асанж бил уапсен во 9 часот и 30 минути утрово, откако сам, по претходен договор, се појавил во полициска станица во Лондон. Претходно, тој престојувал на непозната локација на југоистокот на британскиот остров.
Тој попладнево се појави пред истражен судија во Лондон, кој донесе одлука Асанж да остане во притвор, најмалку до наредното сослушување, на 14 декември. Асанж во Шведска е обвинет за сексуално вознемирување. Асанж претходно на неколку пати ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека станува збор за заговор на американските тајни служби поради објавувањето на тајните документи на интернет страницата на Викиликс.
По Пеј Пал и Мастеркард го блокира Викиликс
Критиките на сметка на Асанж и Викиликс последниве денови се претворија во вистинска хајка од страна на најмоќните светски држави и компании. Покрај тоа што интернет-страницата е под постојани хакерски напади, американските интернет-провајдери му откажаа гостопримство на Викиликс, а во САД е отворена и криминална истрага поради загрозување на националната безбедност.
Откако деновиве Пеј Пал му го укина финансискиот сервис на Викиликс, денеска и компанијата Мастеркард одлучи да ги забрани уплатите за интернет-страницата. Во меѓувреме и швајцарската поштенска банка ја замрзна сметката на Асанж под образложение дека оставил лажни податоци за своето место на живеење.
И покрај проблемите, Викиликс успева секојдневно да стави нови тајни документи на својата интернет-страница, иако нивниот број од околу 960 е далеку помал од најавените 250 илјади. Претставник на платформата денеска изјави дека Викиликс, и покрај апсењето на Асанж, ќе продолжи нормално да функционира, раководена од група луѓе од Лондон и од други локации.
Автор: БГ/афп/ројтерс
Редактор: Симе Недевски