Осомничениот напаѓач од Стокхолм ѝ бил познат на полицијата
8 април 2017Истрагата дали осомничениот го извршил делото во својство на симпатизер на терористичката милиција Исламска држава, сѐуште е во тек. „Ништо не зборува во прилог на сомневање дека имаме уапсено погрешен човек“, изјави шефот на полицијата Дан Елиасон на денешната прес-конференција во шведскиот главен град. Меѓутоа, не се исклучува можноста во извршувањето на нападот да биле вклучени повеќе лица, па истрагата продолжува во сите правци.
Уапсениот е осомничен за извршување терористичко дело и убиство. Неговото име ѐ било познато на полицијата од минатата година. Тогаш биле вршени проверки на телефонот и неговите контакти на социјалните мрежи „Не можевме да докажеме цврсти врски кон екстремистичкото милје“, истакна Андерс Торнберг од шведската полиција за безбедност.
Човекот беше уапсен синоќа, по потрагата по возачот кој рано попладнето со камион влета во мноштвото луѓе во центарот на Стокхолм, а потоа во стоковна куќа. Загинаа четири лица, кои сѐуште не се идентификувани, а ранети се 15 луѓе, од кои осум се наоѓаат и натаму во болница. Камионот со кој беше извршен нападот бил украден кратко претходно, а во него, откако возачот-напаѓач избегал, полицијата нашла сомнителен предмет за кој се претпоставуваше дека бил експлозив, што на прес-конференцијата на полицијата не беше потврдено.
Шведските медиуми претходно јавија дека осомничениот потекнува од Узбекистан и е приврзаник на Исламска држава. Полицијата, како што истакнаа нејзините претставници, очекува долготрајна истрага, во што добива помош и од странство, а посебно интензивни контакти се одржуваат со германските безбедносни служби.
Во Стокхолм денеска владее жалост, знамињата на сите јавни објекти се спуштени на половина копја.
На границите десет дена ќе бидат контролирани сите кои излегуваат од земјата, како што истакна премиерот Штефан Лофвен.
Сепак, Стокхолм и Шведска нема да дозволат да бидат заплашени и луѓето да престанат да го живеат слободно својот секојдневен живот, што е целта на терористите, истакна премиерот: „Терористите никогаш не можат да ја победат Шведска ", потенцира Лофвен.