1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Остри критики за израелскиот закон

СН/ агенции
8 февруари 2017

Израел се соочува со бран на осуда од меѓународните фактори поради усвоениот закон за дополнителна легализација на нелегални еврејски населби на палестински приватни имоти.

https://p.dw.com/p/2X92Y
Israel Siedlungspolitik Ofra in Westjordanland
Фотографија: Reuters/B. Ratner

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, соопшти дека израелскиот закон за легализација на илјадници домови за еврејски жители изградени на приватна палестинска земја, го прекршува меѓународното право, предупредувајќи оти ќе има далекусежни правни последици за Израел.

Гутереш со тоа се придружи на низата осуди на усвојувањето на спорниот закон врз основа на кој ретроактивно се легализираа десетици диви еврејски населби.

„Генералнот секретар длабоко жали поради усвојувањето на т.н. Закон за регулирање на 6 февруари во Кнесетот. Тој наводно им обезбедува имунитет на населбите и пунктовите на окупираниот Западен Брег кои се изградени на палестинска земја во приватна сопственост“, се наведува во соопштението на ОН.

Schweiz Zyperngespräche in Genf
Антонио ГутерешФотографија: Reuters/P. Albouy

Во соопштението се додава дека генералниот секретар на ОН „инсистира на потребата да се избегне каква било акција која ќе го попречи решението за две држави“, односно за создавање на независна Палестина покрај Израел.

„Сите клучни прашања би требало да бидат решени меѓу страните преку директни преговори врз основа на релевантните резолуции на Советот на безбедност и на меѓународните договори. ОН се подготвени да го поддржат тој процес“, беше соопштено во светското тело.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, го повика во меѓувреме Израел да не го спроведува тој закон.

„ЕУ го осудува неодамешното усвојување на законот во Кнесетот, бидејќи тоа преминува нов и опасен праг на легализација на одземањето на палестинското право на сопственост и ефективно ја авторизира конфискацијата на палестинска земја во приватна сопственост на окупираните териториии“, наведено е во соопштението од Брисел, во кое се додава оти тој документ му овозможува на Израел да присвои уште повеќе палестинска земја на Западниот Брег.

Belgien Brüssel - Federica Mogherini bei Pressekonferenz
Федерика МогериниФотографија: picture-alliance/abaca/D. Aydemir

Истотака се прецизира дека „законот може да обезбеди легализација на бројни населби и пунктови кои порано се сметани за нелегални, дури и врз основа на израелскиот закон, што е спротивно на поранешните обврски на израелската влада и е нелегално врз основа на меѓународното право.“

„Ако биде применет, законот уште повеќе ќе ја потврди реалноста на една држава на нееднакви права, постојана окупација и конфликт. ЕУ апелира до израелското раководство да се воздржи од примена на законот и да ги избегне мерките кои натамошно ја зголемуваат напнатоста и ги доведуваат во опасност можностите за мирно решавање на конфликтот“, се заклучува во соопштението.