Остри реакции и барања Шредер да се повлече од функцијата во гасоводот
2 април 2006Критиките на сметка на претходниот германски канцелар Герхард Шредер во врска со преземањето на (добро) платената функција претседател на Одборот на акционерите во идниот руско-германски гасовод не стивнуват. Напротив, тие се засилија откако се дозна дека германската влада дала и гаранции од речиси една милијарда евра за реализација на проектот.
На 24-ти октомври минатата година е донесено „начелно решение“ од страна на интерминистеријалниот одбор на тогашната влада, со кое на „Газпром“ му се даваат гаранции за кредит од 900 милиони евра за градење на гасоводот – потврди претставник на Сојузното министерство за стопанство.
Шредер се брани од нападите дека канцеларската функција ја злоупотребил во лична полза: „Во решението за давање гаранции не учествував, ниту имав сознанија за тоа. Инаку, дознав дека Газпром воопшто и не сака кредит и поради тоа нема ни да ја прифати таквата понуда. Значи, нема кредит, со тоа се разбира ни гаранција. Оттука, во игра се некои очигледно политички мотивирани возбудувања, кои вистински не можам да ги сфатам“ – вели екс-канцеларот. На прашање зошто не бил информиран од тогашниот министер за стопанство Вофганг Клемент, Шредер возврати дека не било невообичаено канцеларот да не биде информиран за решението на интерминистеријалниот одбор, кој и не потпаѓа под надлежност на канцеларовиот кабинет.
Самиот Клемент изјави дека преземањето на гаранциите било токму најразумното што можело да се направи. „Наредните генерации ќе бидат среќни поради гасоводот и Германија има во Русија сигурен и доверлив испорачувач“ – вели Клемент за „Велт ам зонтаг“.
И актуелниот министер за стопанство Михаел Глос го смета ангажманот за принципиелно правилен: „Кога денес би дошло барање нешто такво да се подржи со кредит, и јас исто така би се заложил за тоа“.
Скандал е што Шредер тврди дека ништо не знаел за гаранциите, „грми“ копретседателот на Зелените Рајнхард Битикофер: „Ако сака да одржи било каква мера на веродостојност, тој треба да се откаже од мандатот во Надзорниот одбор“. Оставка на Шредер побара и покраинскиот премиер на Долна Саксонија, демохристијанинот Кристијан Вулф. „Целава афера смрди до небо и мора да биде расветлена. По потреба и парламентарно ќе изнудиме нејзино расветлување“ – се заканува претседателот на германските либерали Гидо Вестервеле.
В среда со аферата ќе се занимава и буџетската комисија на Бундестагот.