1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворањето на американската амбасада го подели Ерусалим

Тања Кремер
14 мај 2018

САД денеска официјално ја отвораат својата амбасада во Ерусалим. Потегот предизвика силна осуда од страна на меѓународната заедница во време кога тензиите меѓу Иран и Израел се засилуваат.

https://p.dw.com/p/2xfJn
Israel, Jerusalem: Neue US-Botschaft in Jerusalem
Новата американска амбасада во ЕрусалимФотографија: picture-alliance/A. Schalit

Минатиот декември американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ќе ја пресели амбасадата од Тел Авив во Ерусалим со што исполни едно од предизборните ветувања. Одлуката се коси со долгогодишната американска надворешна политика и беше предмет на критики. Меѓународно и натаму владее консензус дека статусот на Ерусалим треба да биде предмет на финалните преговори меѓу Израел и Палестина за статусните прашања.

„Мислам дека е во ред САД да ја префрлат амбасадата тука, бидејќи ова сепак е главниот град. Да прашате кое било дете кој е наш главен град, ќе ви каже дека е Ерусалим“,  вели Уриел Беренштајн при утринска прошетка со кучето на западот на Ерусалим.

„Ако некогаш се создаде палестинска држава и ако сакаат дел од Ерусалим, ќе најдат некое решение, но засега Ерусалим е главен град на Израел“, додава тој.

25-годишниот Израелец е загрижен дека контроверзната одлука ќе предизвика нови тензии меѓу Палестинците и Израелците. „Секако ќе предизвика тензии, но ние може само да се надеваме дека лидерите на обете страни ќе знаат како да ги смират луѓето.“

Други пак се помалку загрижени за можни реакции. „Мислам дека нема дилема оти американската амбасада треба да биде во Ерусалим, мислам дека сите амбасади треба да се тука, бидејќи Ерусалим е главниот град на Израел“, вели Рена Баба.

Jerusalem Straße zur neuen US- Botschaft
Улицата која води до новата амбасада на САДФотографија: DW/D. Regev

Симболичен потег со потенцијално драматични реперкусии

Само американскиот амбасадор Фридман и неколку членови на персоналот ќе работат во новата амбасада во Ерусалим во првата фаза по отворањето. Комплетната релокација ќе се одвива во текот на следните години, информираат американските власти. Амбасадата или постепено ќе биде проширувана на актуелната локација, или пак ќе се почне со изградба на нов комплекс. Локацијата е во близина на т.н. Зелена зона, што ја обележа демаркацијата меѓу Израел и Јордан по војната во 1948. година.

„Парадоксално е што селењето на амбасадата нема никакво директно влијание на самиот град. Но, од друга страна, има енормни последици“, вели Даниел Зајдеман, американско-израелски адвокат и основач на невладината организација Терестријален Ерусалим. „Ерусалим денеска е повеќе поделен, помалку одржлив и повеќе предмет на натегања отколку кога било претходно. Селењето на амбасадата тука нема да смени ништо во тој поглед. Имајќи го тоа предвид, постојат огромни негативни импликации, бидејќи селењето е умреница за американската супервизија на политичките процеси во израелско-палестинските релации.“

Иако се верува дека администрацијата на Трамп работи на нов мировен план, таа истовремено испраќа мешани пораки во однос на плановите за Ерусалим. Градот и натаму е предмет на расправа меѓу Израел и Палестинците. При првото патување во Израел, во април годинава, новоназначениот американски државен секретар Мајкл Помпео рече дека „границите на израелскиот суверенитет во Ерусалим остануваат предмет на преговори на двете страни“.

Повеќе: Отворање на амбасадата на САД во Ерусалим - без Трамп

Symbobild Israel Jerusalem Gewalt am Tempelberg
Палестинците сакаат сопствена држава со главен град Источен ЕрусалимФотографија: picture-alliance/W. Rothermel

Сепак, во јануари годинава претседателот Трамп изјави дека „Ерусалим е тргнат од преговарачката маса и нема веќе да разговараме за тоа“. Палестинските автономни власти упатија силна осуда на одлуката на администрацијата на Трамп во врска со Ерусалим и ттогаш одбиваат да разговараат со претставници на САД. Палестинците повикаа и други дипломатски мисии да ја бојкотираат инаугурацијата на амбасадата на која се поканети околу 1000 гости, меѓу кои и американска делегација предводена од државниот секретар за финансии Стивен Мнучин. На церемонијата ќе присуствува и ќерката на Трамп, Иванка.

Палестински отпор и бес

Во Источен Ерусалим Палестинците одблизу ќе ги следат настаните. „Ова покажува дека Американците се комплетно на израелска страна и дека не им е грижа за палестинските права. Тие практично им велат на Палестинците дека се против нивниот сон да имаат сопствена држава и тие остануваат со празни раце“, вели Џавад Сијам, палестински активист кој учествувал во мирните демонстрации минатиот декември по објавата на САД за одлуката за селење на амбасадата. „Тие ја повторуваат историјата, тие им велат на Палестинците дека немаат права и дека други нации ќе си го земат делот“, додава активистот.

Повеќе: Абас: „Му велиме 'Не' на Трамп“

Палестинците сакаат сопствена држава со главен град Источен Ерусалим кого Израел го зеде од Јордан за време на војната во 1967 година. Во 1980. Израел и фактички го анектираше Источен Ерусалим и го декларираше целиот град како свој главен град. Тој потег никогаш не беше признаен од страна на најголемиот дел од меѓународната заедница. “Кој е Трамп за да дојде и да каже дека Ерусалим е израелски? Каква врска има тој со Ерусалим?“, прашува млад човек кого го сретнавме на пат кон Портата Дамаск, еден од главните влезови во Стариот град. Американската одлука се перцепира како игнорирање на палестинското присуство и на историските врски со стариот град кој е свето место за муслиманите, Евреите и христијаните.

Повеќе: Што всушност сакаше Трамп со Ерусалим?

Регионални тензии

Отварањето коинцидира со повторно разгорените тензии меѓу Израел и Иран кои би можеле да прераснат во вистински конфликт. Вниманието е свртено и кон Појасот Газа и тамошната граница со Израел, каде палестинските организатори на т.н. Голем марш на враќањето за денеска закажаа мирен собир, кој се претвори со судири на Палестинците и израелската армија со голем број повредени. 

Proteste im Gazastreifen an der Grenze zu Israel
Во судирите на Палестинците со израелските војници на границата на Појасот Газа со Израел, според досегашните информации, се повредени над 20 ПалестинциФотографија: Reuters/M. Salem

Од крајот на март наваму неделните протести се одржуваа секој петок. Во изминатите недели повеќе од 45 Палестинци беа убиени и стотици повредени, главно од израелски снајперисти. Ден по отворањето на амбасадата Палестинците во тага ќе ја одбележат загубата на својата земја, ден кој го нарекуваат „Накба“, односно „катастрофа“ - силен потсетник на тоа дека нивниот сон за сопствена држава полека избледува.